Фурна “Бојан”
Не знаат за празник и делник. Работат нон – стоп или со изразот на политичарите 24/7. Топлината и пламенот од огнените јазици од дрвата, го претвораат секое парче месо во мискојна, кикиритките ги прават путер, а вадат и леб небаре душа. Експерти се и за подготовка на готвени јадења. По потреба нудат само пекарска услуга или пак, подготвувааат комплетно тави, ширдени, коленици и други јадења со сите нишани, не штедејќи на мирудии. Имаат таква спрема, покрај земјените тави, грнињата за варење грав, чкембе и друго, дури и плехови во кои може да спругнат прасе од 50 килограми. За пилињата и мисирките, да не правиме муабет. И не би било ништо толку чудно, ако не се знае дека ептен умеат да го погодат печењето, народски кажано да изврие месото, и по неколку саати, не штедејќи дрва.
Марифет за печење имаат сопствениците Кире и Васе Мирчески во фурната “Бојан”, крстена по нивниот син, ѕвездајлија гимназијалец кој сака прсти да смеша во секоја манџа.
Фурната постои 10 години. Велат стари, секое зло – за арно. Така и затворањето на ватарата Билјана ја охрабрило Васе да започне бизнис, заедно со сопругот, кој пак дотогаш местел плочки и други материјали. Пргавоста на Васе и иницијативноста, подгреана со генот за пекарството наследен од познатиот пекар, вујкото Киро, биле добрата стартна позиција, Васе да не седи повеќе дома со скрстени раце, туку да се зафати со бизнис кој убаво им оди.
– Се сретнав со внук од сестра ми, кој ни кажа дека се издавала некоја фурна кај гробот на Али – баба за да почнеме да работиме. Веднаш прифатив. Почнавме со леб, за по три месеци, да ја направиме фурнава кај ОУ “Климент Охридски”. Се проширувавме со времето. Квалитет нé крена да се препознаваме и да се бара готвеното, печеното, тавите, лебот… Љубовта кон работата е најважна за бизнисот со печење и други гурмански специјалитети. Работата не треба да е товар туку да претставува задоволство. Печеме само на дрва – вели сопственичката Васе Мирчески.
Специјализирани се за печење. Ги препознаваат и по кикиритките, кои се нивна подготовка и исклучиво се продаваат само во фурната. Имаат редовни муштерии, а ги даваат на луѓето што нарачале за печење и како бакшиш.
– Некаде печеното го прават за три саати, а кај нас не е под 8 до 10 саати. Треба покривање со фолии, дали со две или три. Времето е битно и никогаш не штедиме на дрва за температурата да биде како што треба. Не штедиме ни на сенф ни на пиво, само за да биде убаво – вели сопругот Кире.
Незнаат ни за празник, ни викенд. Само лете успеваат да заминат на одмор две недели. Инаку, цела година не се седнати. Ако најдат луфта од саат – два, ќе дремнат. Се случува и во два часот по полноќ, да дојде муштерија оти знаат дека работат нон – стоп, 24 часа. Веруваат дека децата кога тие нема да можат да работат, нема да ја затворат фурната, туку ќе ангажираат лица за работа. Ги охрабрува традицијата кај прилепчани да бараат услуги за печење.
И КОСКАТА СЕ ЈАДЕ Некој муштерија им донел недопечени 100 пилиња со вегета, барајќи чаре да не се засрами пред гостите и во фурната да ја оправат работата која други ја загрешиле. – Сама, клавај – преклавај, успеав на време да ги допечам, оти им требаа за сунет на дојдените од странство. Ги допеков уште пет саати. Рекоа дека гостите ги изеле и коските што ниле убаво печени пилињата Ми рекоа рацете да ми цутеле, оти кога ги донесоа беа чвркнати малку, а внатре тегави – раскажува Васе. Од необичните случаи Васе го пренесува печенето мисирки. Чест муштерија прашал дали печат мисирки, а на позитивниот одговор, тој по неколку дена донел во фурната неколку живи мисирки. Се снашле некако со касап кој ги закла и ги исчистил од пердувите пред да ги испружат во фурната. Свиња поголема од сто кила донел муштарија за печење. Немале плех за должината. Васе нашла мунасип со сечење на прасето на половина да го собере во два плеха во фурната. По повеќе часовното печење ги составила деловите во целина без да се распознава, да го исполни барањето на муштеријата. |
МЕСОТО НЕ КАЛИРА Не сакаат да ги излажат муштериите уште помалку да им скусат. Еднаш додека Васе спиела, Кире згрешил, но затоа му наддал на муштеријата. Некој донел еден ред ребра, а зел два. – Беше човек во години и дојде да го земе месото. Во плехот имаше две парчиња ребра и тој ги зеде и двете. Кога дојде муштеријата за другото ребро, му реков дека неговото подоцна го ставив, па не е готово и некако се извадов. Му спремив ново печено ребро и тоа повеќе, оти незнаев колку донел. Го прашав како месото, оти ни е редовен муштерија. Ми рече дека било одлично и дека не калирало многу при печењето. Тогаш му кажав што е работата и се посмеавме малку. Се случуваат грешки. За празници особено. Треба на секој да му се погоди. Замрзнато не примаме, ама ако е од село и има гужва се става во вода да одмрзни, па ќе го заборавиш и кога ќе дојди да си го земи печено ќе му го дадеш одмрзнато. Се јавува малку револт, ама сепак муштеријата е секогаш во право – вели Кире. |