ЗДРАВСТВЕНАТА ЗАШТИТА ПО ЕВРОПСКИ СТАНДАРДИ

Петар Ристески нов в.д. директор во Здравствениот дом

Се очекува дислоцирање на итната медицинска помош во нов објект на местото од старото инфективно одделение кај Болницата

“Предизвикот да раководам како в.д. директор со Здравствениот дом беше желбата за придонес во подобрувањето на условите за работа во институцијата и во поквалитетното пружање на здравствена заштита на пациентите”.

Ова меѓу другото го вели стоматологот Петар Ристески, новиот в.д директор во Здравствениот дом.

Потенцира дека Установата била стабилна финансиски, немало проблем од тој аспект, како во 2005 година, кога биле регистрирани наталожени долгови, кои сега се санирани.

– Задоволителна е кадровската екипираност и опременост. Сепак, приоритет ќе е доопремување на домот не само со стручен кадар, со што ќе се зголеми ефикасноста во работата, туку и со нова опрема – вели Ристески.

Тој најавува брзо ставање во функција на новиот компјутерски апарат за логопедија во логопедската амбуланта, што е донација од Германската амбасада, вредна повеќе илјади евра.

– Со апаратот ќе се зголеми ефикасноста во работата со децата кои имаат проблеми со говорот. Бидејќи зградата е постара, ќе инвестираме во промена на дограмата, на фасадата и со тоа да постигнеме енергетска заштеда. Тоа ќе се реализира во соработка со Министерството за здравство. Планираме да набавиме и нов компјутерски рентген апарат за стоматолошкиот кабинет. Освен тоа ќе се набави и нов современ стоматолошки апарат за кабинетот во итната помош – објаснува Ристески.

Најголем проект, што се очекува во соработка со Локалната самоуправа е дислоцирање на итната медицинска помош.

– Планирано е на просторот на поранешната зграда на инфективното одделение да се изгради нов објект. Идејниот проект е подготвен. Тоа ќе е поголема инвестиција која ќе се реализира заедно со општината и Министерството за здравство. Ќе биде современ и модерен објект, според европски стандарди. Заедно со петте нови возила – три теренски, добиени од Владата и две амбулантни коли, купени со сопствени средства, ќе се задоволат потребите за функционирање на оваа многу важна служба – додава Ристески.

Loading