ВО ИМЕ НА ВИСТИНАТА

“О роде човечки! Зошто толку ја избегнуваш вистината и зошто секогаш сакаш да се лажеш самиот себе или дозволуваш да бидеш излажан”. Сецениј

Во надојдувачката плима на сеопшта хипокризија која се заканува да доведе до општа мизерија во сите сфери од општественото живеење во Македонија и на политички и на економски и на морален план, поединечно сите ние граѓаните на Македонија си имаме свој удел со нашиот конформизам и интелектуален пасивизам до степен на афективна здрвеност – ступор.

Понекогаш овој наш блокиран контакт со околината, надоврзан на изгубеното чувство на лична слобода и независност, е инициран од позицијата на претпазливост до кукавичлук или пак од позиција на поданичка инфериорност кон политичкиот ментор кој повремено фрла по некоја коска или ситна боранија за еден дел од своите лојални поданици.

Сите ние сме должни пред своите славни предци кои не жалеле да го жртвуваат животот за поубава и поправедна иднина на својот народ, доблесно и храбро да се избориме секој поединечно во својот животен и работен простор за повторно освојување на личната слобода преку коректно искажување на своите политички ставови и животни потреби, професионално извршување на своите работни обврски и достоинствено и бескомпромисно бранење на своите лични и граѓански права.

Да не дозволуваме како некои тренирани кучиња да не влечкаат по разноразни митинзи на кои со омраза во очите и срцата ќе фрламе јајца, камења или недај Боже и нешто полошо, брат на брат, татко на син, Македонец на Македонец…

Овој дел од текстот го објавувам со цел да се запознае јавноста со дел од случувањата во Советот за кои, за жал, нема целосни информации преку локалните медиуми, затоа што тоа не соодветствува со актуелната политичка култура и на стандардите за практицирање на демократија на актуелната власт.

Ова се моите зборови зад кои стоев тогаш, а стојам и сега и најверојатно нема да се срамам од нив ни по 10-20 години, ако сме живи и здрави, да го уважиме судот на јавноста.

(Се надевам дека и моите колеги советници, особено оние од позицијата, за сите работи што ги кажале и не ги кажале – ги подголтнале, или пак само механички кревале рака при гласањето без да водат сметка за пошироките интереси на граѓаните, ќе можат наредните години исправени да се носат со судот на јавноста).

Ова што ќе го прочитате не е никаков политички маркетинг, затоа што со политика не мислам да се занимавам подолго од мандатот што ми е во Советот, кој помислував повеќепати до сега да го прекинам, усрамен од пласирањето на стратегија на моќ на позицијата во 99 проценти од точките кои до сега беа поставени на дневен ред, а како последица на тоа од се пониското ниво на кооперативност меѓу советниците кога беа во прашање проблеми од најширок интерес на граѓаните на Прилеп.

Едноставно сакам да кажам ДОСТА МИ Е ОД ТАКВА ПОЛИТИКА ВО КОЈА НЕМА МЕСТО ЗА ЗДРАВИОТ РАЗУМ, А УШТЕ ПОМАЛКУ ИМА МЕСТО ЗА ИНТЕЛЕКТУАЛЕН АНГАЖМАН.

Се надевам дека најголем дел од Вас – граѓаните, ќе кажевте нешто слично, сé едно од која партија сте.

Доколку поголемиот дел од Вас нема да ми забележи за начинот на кој ги застапував Вашите интереси и Вашето мислење, тогаш не бил сосема залуден мојот напор во политичките надмудрувања и подметнувања да се борам скромно секогаш за отворени и искрени патишта до вистината, осудувајќи ги секогаш задкулисните и лицемерни теснопартиски или себично-лични интереси на штета на мнозинството граѓани на нашава општина.

Си личев најчесто, да бидам до крај искрен, на некој наивен “кловн” или во најдобар случај на заскитан Дон Кихот кој се бори со ветерници како да се живи непријатели и си мисли дека може да се победат.

Сега следи моето кратко обраќање на 27.12.2012 г пред Советот на Прилеп на 55 -тата седница:

– Како чесна и одговорна личност ги уважувам сите мои сограѓани, независно од нивната партиска, национална и религиозна припадност. Како доктор-психијатар ги почитувам и респектирам моите пациенти, помагајќи смирено и сталожено да се справуваат со своите лични како и со меѓучовечките конфликти и секаков вид на потешкотии што ги носат секојдневните животни страдања.

Сметам дека без меѓусебно почитување и флексибилно надминување на разликите и спротивностите било на поединечен план, било на групен план – меѓу различни партии, националности или религии – сите ние доведуваме до загрозување на перспективите за поубава заедничка иднина.

Не се сложувам со практикувањето на демократија со ултиматуми, закани и насилство, се едно од која страна доаѓаат.            Не се помирувам со блокирањето на независната работа на новинарите и апсолутното манипулирање со медиумскиот простор. Од овие причини со искрено жалење како поразен интелектуалец ја напуштам оваа седница.

П.С. Честитка до мојот народ за Стара Нова Година:

НАРОДЕ МАКЕДОНСКИ, РАЗБУДИ СЕ И ИСПРАВИ ГО ГОРДО СВОЈОТ ПОГЛЕД КОН ВИСТИНАТА, ЗАТОА ШТО САМО НА ТОЈ НАЧИН МОЖЕШ ДА СЕ ИЗБОРИШ ЗА ПОУБАВА ИДНИНА ВО 2013, 2014, 2015…

На тоа те обврзуваат светлите примери на ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ, ЈАНЕ САНДАНСКИ, КУЗМАН ЈОСИФОСКИ – ПИТУ и бројни други ПОЖРТВУВАНИ МАКЕДОНСКИ СИНОВИ, кои ги дадоа своите животи за мајка МАКЕДОНИЈА, во која слободно ќе живеат сите Македонци, Турци, Албанци, Роми и т.н.

За оваа нивна и наша Македонија тие ги заложија своите животи за да нема поделби и за да не смее никој да го омаловажува, навредува, манипулира ниту пак да го тепа и поништува и најмал дел од народот македонски.

Голем дел од денешниве лидери на македонски, албански, ромски… политички партии се однесуваат неодговорно спрема севкупниот македонски народ како да нашле “село без кучиња”, во оваа наша се помачна и помрачна Македонија.

Ако макар и во сон им се појават сенките на Гоце, Кузман, Јане… до колку имаат доблест да се соочат со овие вечни столбови на Македонија или ќе се просветлат и целосно ќе се променат во интерес на својот народ, или до колку продолжат да тераат инает со вистината, во наредната или во некоја следна година ќе си го добијат без остатоци тоа што си го заслужиле од својот народ.

За сите поделби и понижувања што му се направија на со векови поробениот народ кој мирно и трпеливо дозволува да биде лажен, но истиот тој македонски народ не заборава и кога еднаш ќе му “светне” му наплаќа на лажниот водач кој едно кажувал, а сосема спротивно од интересот на својот народ правел, како што тоа веќе го направи со “незаменливите” Љубчо и Бранко.

НИКОГАШ ПОВЕЌЕ ДА НЕ СЕ ЛАЖИШ И ДЕЛИШ, КАКО ШТО ТЕ РАЗНЕБИТИЈА СО БЕСРАМНО РАСПРОДАВАЊЕ НА ТВОИТЕ ТЕМЕЛНИ ВРЕДНОСТИ И РАСЦЕПУВАЊЕ НА ТВОЈАТА ЕДИНСТВЕНОСТ, СЕБИЧНИ, САМОБЕНДИСАНИ, НЕОДГОВОРНИ ЛИДЕРИ, КОИ НЕМААТ КАПАЦИТЕТИ НА ВИСТИНСКИ МУДРИ ВОДАЧИ. КОИ ВО УЛОГА НА СЛУГИ НА НАРОДОТ, ЌЕ ГИ НАДМИНУВААТ МЕЃУСЕБНИТЕ РАЗЛИКИ И СПРОТИВНОСТИ ВО ИНТЕРЕС НА СЕОПШТА ДОБРОБИТ НА МАКЕДОНСКИОТ НАРОД.

За жал, покрај материјалната беда незапирливо и безмилосно продолжува разградувањето на сите традиционални – морални и духовни вредности на чесниот и некогаш горд македонски народ, кој како да не е многу загрижен и постепено капка по капка се откажува од тешко стекнатата индивидуална и граѓанска слобода и станува се позависен од своите “лидери”, кои да не заборавиме доаѓаат силни а си заминуваат ситни. 

ДА СИ РАЗБУДЕН, ГОРД, СЛОБОДЕН, САМОСВЕСЕН, СРЕЌЕН, ЕДИНСТВЕН И ВЕЧЕН НАРОДЕ МАКЕДОНСКИ.

Човекот е слободен само тогаш кога и служи на вистината – Толстој.

Д-р Јохан Ѓорѓиоски

Советник во градскиот совет

 

Loading