ТРЕНДОВСКА И ШТЕДЛИВА ПЛАСТИЧНА ДОГРАМА

ИГО – ПЕР 2007

Фирмата за производство на пластична и алуминиумска дограма Иго – Пер 2007 од 1997 прерасна во респектабилна носечка компанија во  еснафот. Причините се квалитетот на понудата на врати и прозорци од пластични и алуминиумски профили од квалитетни материјали, со европски стандарди. Затоа е барана и пропознатлива по продукцијата на објекти во повеќе државни и јавни, не само локални институции.

Ефетките од штедливост на енергијата, предностите од звучната изолација и бенефитите од топлинската заштита се предизвик што конитнуирано не само што се одржува, туку и се надградува и се осовременува со освојување на нови материјали, уште поквалитетни и уште поефикасни од претходните. Тоа не е едноставен и лесен потфат во конкурентската битка за опстанок на челното место во браншата, паралелно чекорејќи напред. Тоа бара перманентно потврдување кај муштериите, со секој нов прозорец или врата, со секој нов инсталиран поквалитетен материјал и со секое ново поставено изолационо стакло од сопствениот погон. Дека Иго – Пер 2007 е фирма која ужива репутација сведочи податокот на освоени тендери  за болници и училиштата низ градов и земјава, дури и вградувала и во Србија и Грција.

Сопственикот Игор Трајкоски кажува дека веќе освојува нови материјали  со максимална ефикасност што се тренд на Запад.

– Станува збор за нова пластика – Кемерлинг. Почнуваме да набавуваме висококвалитетни пластични профили со три дихтунзи. Предноста е во специјалните ПВЦ завои, кои овозможуваат, такаречи, тотална изолација од надворешноста. Тоа е најскапа пластика, оти е најквалитетна. Се нудат останатите германски профили, кои се носат рамо до рамо со Кемерлинг. Се форсира грчкиот висококвалитетен алуминиум за деловни објекти – објаснува Трајкоски.

Тој смета дека иднината е во штедливата пластична дограма. Таа е и долговечна и лесна за одржување.

– Нема попуштање кај квалитетот, оти работиме само со германски профили и грчки алуминиум. Изработката е целосно автоматизирана и компјутеризирана со евентуално шрафење понекаде. Добро се движиме, постепено нагоре со осум работници, без лакомење за пропулзивен подем. Квалитетот е водилка, заедно со рокот. Дека мислиме подалеку во иднината ќе откријам дека ги меркаме и најсовремените технолошки решенија во оваа област – ЦНЦ машини. Тие се далеку поефикасни, зашто на компјутер се даваат димензиите, а машината само го зема материјалот и ги подготвува прозорците или вратите со рамки, ментешиња, отвори за брави и другите елементи, до поставување на изолационото стакло. Скапи се, но не е исклучено да ја зголемиме ефикасноста, да станеме порационални и поекономични, а со тоа попродуктивни и поконкурентни. Но, потребна е предпазливост за крупните зафати. Затоа подолго се анализира претстојниот инвестициски залак. Располагаме со волја за работа, која  планираме да ја пренесеме на децата, за да им се остави некое наследство – вели Трајкоски.  

Сопственикот на Иго – Пер 2007 кажува дека бизнисот го развил случајно по враќањето од војска во 1997 година.

– Ова е лично мој занает. Почнав со алуминиум, оти само Исмет работеше кај автобуската. Ми се бендиса работата, мислев дека ќе ми лежи, а сметав дека има перспектива. Тој ме охрабри дека не е страшно, и дека е потребен само алат. Со татко ми, кој беше лимар, се кандисавме, по неговите сомнежи, оти сум немал искуство. Му кажав дека Исмет ќе ме подучи, а за машините и профилот ќе се набават од Турција. Учителот достои на зборот и за кусо време постепено го освоив марифетот на занаетот. Полека кроев, одземав, намалував, сечев под агол како што ми објасни мајсторот. Маката го тера човека да совлада “планини”, нели? Татко ми со недоверба во стекнатото знаење ме прекоруваше дека ќе го испустам материјалот. Пробав, и првиот прозорец од алуминиум го дотерав без грешка во дуќанот спроти ОУ “Кочо Рацин”. Татко ми се изненади. Мислеше дека сум бил кај Исмет, а сам го сработив дома. После дејноста се прошири со набавка на машини за пластична дограма – раскажува Трајкоски за поставувањето на темелите на бизнисот, кој од дуќан, сега располага со погон, а се дополнуваат со брат му Пеце со лимарскобраварските работи и фирмата Иго – Пер метал на излезот кај Плетвар.

Реликт е првата машина

– Ја чувам првата машина  исправна,  иако не работам со неа. Стари рекле, “нов бунар копај, на стариот не плукај”. Тоа ми е спомен на пионерските аматерски чекори во занаетот. Тоа е реликт за мене, а се надевам и за моите потомци – објаснува Трајкоски.          

 

Loading