СУБСПЕЦИЈАЛИСТ ИЛИ СУПСПЕЦИЈАЛИСТ

Честа е појавата кога некој пациент се упатува на СПЕЦИЈАЛИСТИЧКИ и СУПСПЕЦИЈАЛИСТИЧКИ преглед. Во упатите што ги издаваат матичните лекари има повеќе јазични нелогичности. Сега ќе се задржиме само на зборот (придавка) СУПСПЕЦИЈАЛИСТИЧКИ. Во упатите што ги издаваат докторите не е напишано СУПСПЕЦИЈАЛИСТИЧКИ, туку СУБСПЕЦИЈАЛИСТИЧКИ, со Б, а не со П. Тука е грешката. Да расчистиме прво со префиксот СУБ или СУП. СУБ е латински предлог. Се употребува во многу сложенки, но некаде се пишува СУБ а некаде СУП. Тоа создава забуна. А зошто е тоа така? Рековме, дека на латински зборчето (предлог) се пишува СУБ. Се јавува во многу сложенки и со повеќе значења. Ние во таа широчина нема да навлегуваме. Нé интересира само кога и зошто СУБ, а кога и зошто СУП.

Во музиката постои термин СУБДОМИНАНТА, што значи долна доминанта, тон под доминантата, четвртиот тон од дијатонската скала. Во овој случај нормално е да се пишува СУБ, бидејќи согласката Б е звучна и се среќава со Д, исто така, звучна и затоа си останува СУБДОМИНАНТА. Но имаме друг пример. Имаме збор СУПКУЛТУРА. Тоа е посебна гранка, подгранка во општата култура. Тоа сега нé не интересира. Важно е зошто овде е СУП, а не СУБ. Тоа го наложува правилото за едначење според звучноста, кое е карактеристично во нашиот јазик. Е тука, некои велат дека тоа се туѓи зборови и тука не смее да се чепка. Но, не е така. Зборот е транскрибиран на македонски јазик, со македонско писмо и тука нема привилегија. Тој е подложен на нашите правила. Во овој случај согласката Б (звучна) се среќава со согласката К (незвучна). Во ваквите случаи, командата в раце ја зема наредната (втората) согласка. Ако е таа звучна и претходната станува звучна, ако е незвучна (како во случајов) и претходната станува незвучна, Б станува П. СУБ станува СУП и се добива збор СУПКУЛТУРА. Имавме СУБДОМИНАНТА (со Б) и имаме СУПКУЛТУРА (со П). Каде е сега тука придавката СУПСПЕЦИЈАЛИСТИЧКИ? Се разбира, во лекарските упати тоа е напишано погрешно. И тука, латинскиот предлог СУБ (во случајов префикс) станува СУП. Согласката Б се среќава со согласката С. Бидејќи С е незвучна, мека согласка (звучниот партнер и е З) таа ја обезвучува нејзината сосетка Б и ја претвора во П. За ова правило може и повеќе да се пишува, а и ние сме пишувале, но сега целта ни беше да укажеме на грешката во лекарските упати. Значи, именката е СУПСПЕЦИЈАЛИСТ, а придавката е СУПСПЕЦИЈАЛИСТИЧКИ.

Штета е што (најверојатно) формуларите на лекарските упати се унифицирани и во цела Македонија се исти и, се разбира, погрешни. За ваквите грешки и лекарите специјалисти не можат да најдат лек.

Да се вратиме на една друга тема. На повеќе наши телевизиски програми, покрај другото, се емитуваат и емисии од областа на кулинарството. Се јавуваат разни мајстори на кујната. Ги презентираат своите специјалитети. Жените, кои гледаат телевизија, набрзина ги запишуваат рецептите и така го збогатуваат репертоарот на своите готвении. Од тие мајстори на кујнската уметност слушаме и многу јазични “специјалитети”. Во номенклатурата на зачините многу често е застапен БИБЕРОТ. И бабите и прабабите кај нас си го викаа ЦРН ПИПЕР, како што треба. Но, ете сега било помодерно – БИБЕР. Црвениот пипер останува и понатаму ПИПЕР, но црниот стана БИБЕР. Без да ги бараме и да ги набројуваме ќе кажеме само дека во ваквите емисии има многу јазични грешки. Просто, се користат како запршки на убавите јадења. Неодамна, гледавме една таква емисија. Присутни неколку жени, мајстори на кујната. Објаснуваат за начинот на готвење на определени јадења. Водителката го координира сето тоа. Во еден момент таа вели дека сега ќе ја земеле напомош КУТЛАЧАТА. Жените гостинки, не го употребуваат тој збор, но водителката го повторува повеќепати, па и тие го прифатија. Сигурно си мислат дека водителката знае повеќе. А што е тоа КУТЛАЧА? Го има ли тој збор во македонскиот јазик? Не! Никогаш не се користел. Го нема во ниту еден речник. А тоа е, едноставно, голема лажица – ЦРПАЛКА. Во српско – македонскиот речник токму така е предаден српскиот збор КУТЛАЧА.

Благоја Ивчески

 

Loading