МЛАДИ ПИСАТЕЛИ

ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”

Колку дечиња – толку желби, но ретко ќе сретнете ама баш сите да имаат една. И да разјаснеме веднаш: големи се, учат во четврто одделение. Тоа не е лесно, но ако се сака, нема никаков проблем. А овие ученици од 4/3 одд. навистина се токмат, ни помалку, ни повеќе, ами да бидат писатели. Да пишуваат за згодите и незгодите на училиште, за својата наставничка, за градот кој си го сакаат, за најблиските и, најповеќе, за своите другари, зашто нема никаде такви другари какви што имаат тие. И за да видат сите дека не се шегуваат со својата идеја, се зафатија со сериозна работа. Толку убави песнички и состави не сте прочитале досега! Ги напишаа и ги испратија. Ним им честитаме со Браво за младите писатели од 4/3. Сите сте за “Петка”. И тоа чиста!

ДРУГАРСТВО

Другарство е сонце што грее и не заоѓа. Јас имам двајца најдобри другари, Филип и Никола. Со Филип учиме во еден клас. Заедно одиме на кошарка и секој викенд се возиме со велосипед. Никола пак ми е сосед. Заедно одиме и се враќаме од училиште, пишуваме домашни и си играме. Сите тројца посетуваме курс по англиски јазик и многу го сакаме компјутерот. Дружејќи се, често размислувам за другарството и сигурен сум во некои работи.

Другарството е река што тече и не запира, затоа другарите треба да се почитуваат.

Вистински другари се  оние кои ми доаѓаат на роденден и ми ја прават забавата поубава.

Вистинските другари тешко се наоѓаат, уште потешко е да се изгубат, а невозможно е да се заборават.

Со Филип и Никола сме вистински другари.

Стефан Пројчески 4/3 одд.

 

Loading