МИЛЕ НАЈЧЕ И ГУЛАБОТ

За гулабите писмоносци се знае од дамнина. Потеклото им е од Блискиот исток. Се користеле од старите народи за потребите на војската. Во Европа се пренесени со крстоносните војни од 10 век. Со пронајдувањето на телеграфот и телефонот, денес гулабите се одгледуваат како украсни птици. Гулаб – писмоносец поседувал и познатиот интернационалец, популарниот фудбалер Миле Најчески – Најче, левиот бек на предвоените екипи Железничар и Југославија, а подоцна играч и на Гоце Делев, Прилеп и Победа. За ова хоби на Миле Најче случајно раскажува некогашниот негов помлад соиграч Стеван Тодороски, кој е во деветтата деценија од животот, и  неговиот постар син Гога Најче, исто така фудбалер на Победа.

Миле бил единче на својата мајка и кога ќе излезел од дома, без разлика да ли ќе бил на тренинг или натпревар на тогашното Градско игралиште или на познатиот “Кермес”, денес Паркот на револуцијата, со себе го носел и гулабот -писмоносец. Отаде или било од каде (гулабите писмоносци летаат од 400 до 1200 километри), гулабот ќе го пуштел да си појде дома, да í се најдел на мајка му, а подоцна и на неговата сопруга, доколку имале потреба, да го повикаат да се врати дома.

Тогаш мајка му или сопругата во алуминиумското цевче прицврстено на ногата од гулабот или во кесичката врзана на неговите градите ќе му ставеле писменце со порака и го пуштале гулабот да отиде и да го најде Миле Најче.

Кога прашав за што најчесто го користеле гулабот – писмоносец, Стеван Тодороски вели:

– Најче беше единец и единствена машка рака во семејството. Мајка му и сопругата го бараа, ако некој се разболел дома, ако требало да ги прибере дрвата, зимницата или ако дошле видни гости во посета. Миле беше воено лице и извонреден одбрамбен фудбалер. За него се интересираа многу клубови во тогашна Југославија. Најзаинтересирана беше белградска Југославија, каде и отиде да игра, по  двата пријателски натпревари во Прилеп. Во Втората светска војна играше и за прволигашот Локомотив од Пловдив во Бугарија, каде беше прогласен и за најдобар играч на овој клуб.

Соиграчот Тодороски и синот Гога велат дека Миле одиграл и натпревар-два и за тогашната фудбалска репрезентација на Бугарија.

Д.Б

Loading