ДАЈТЕ ТЕРЕН

Фудбал: Порака од клубот – бездомник, Корзо

Осум засилувања за опстанок

Навалија нови играчи во Корзо, безмалку како некогаш во славната Победа. Првите реакции се – кренати рамења од изненадување.Фудбалери со прволигашки квалитети се прибираат кај претпоследниот на второлигашката табела. Покрај домашните Денис Димитриоски (11 Октомври), Нури Рушаноски (Пролетер), Роберт Бошкоски (Партизан Обршани). Даниел Карчески (Победа), доведени се Никола Марковски (Пелистер), Александар Стојанов, Ѓокшен Лиманов (Беласица), Томче Мижоров (Швајцарија). Што е “магнетот”?

– Довербата. Посветени сме на клубот од срце. Фудбалот е приоритет – вели Панде Трајчески, претседател на Корзо.

Извршена е промена во стручниот штаб. Наместо Горан Тодоровски, кој привремено се повлече, назначен е битолчанецот Зоран Штерјовски со асистентите Влатко Мицевски и Гоце Манески. Засилувања од страна, а и тренер од страна.

– Тодоровски остави трага. Бевме задоволни. По одлуката да се одмори, се решивме за Штерјовски, по разговори  и препораки на пријатели од Пелистер – истакнува Трајчески.

Додека клубот жилаво се бори, во економска криза добро се држи и обезбедува доволно буџет за функционирање, мака останува теренот. Долги пет години тренира и игра на гости. Најчесто патуваат до Големо Коњари. Зарем ова толку голем, нерешлив проблем. Сите плачат за пари, а Корзо за терен.

– Пет години сираци, без дом. Терен да ни дадат, за другото ќе се снајдеме. Или барем соблекувалните на Могила, да има каде да се собираме – заврши Панде Трајчески.

Прозивка на 16 јануари

На 16 јануари е првиот собир на Корзо. Планирани се подготовки во градов и најверојатно во Охрид. На прозивката се очекуваат над 20 првотимци. Ќе недостасуваат неколкумина од лани: Касниоски, Никовиќ, Котески, Ристески, Тошески, С. Тодоровски, Алиоски, Пановски, Ралевски.

Спас со 30 бода

Според калкулациите, за опстанок потребни се околу 30 бода, што значи напролет треба да се игра двојно подобро од есеноска, кога беа освоени само девет. Распоредот е поволен.

– Да опстанеме, а в година одиме чекор погоре – навестува Трајчески.

 

Loading