За да се врати автентичноста на Старата чаршија, која се повеќе е “магнет” за туристите на кои им е здодеан модернизмот, Општинава ќе гради две порти за влез во јадрото на чаршијата. Овие зданија претендираат да го вратат шмектот на чаршијата и градскиот саат и да ја збогатат туристичката понуда за уште некоја знаменитост. Портите ќе бидат едноставни, но со ориентален дух кој ќе потсетува на длабоката старост на чаршијата која ја врвиме вдолж и попреку, без да знаеме дека под нас се векови на непишана историја.
Се очекува да се дотераат и реставрираат фасадите на дуќаните во старата чаршија и да постепено да се вратат столетијата.
“Пустото турско” нé оставило да “каскаме” неколку векови поназад од поразвиените империи. Турска касаба бил Прилеп, оградена и со порти и со сите салтанати нужни за опстанок и развој. Ама, пак токму тоа ја прави државава, а и градов уникатни, како транзитен центар меѓу Истокот и Западот. Османлиите ја оставиле старата чаршија, саатот и Марковите кули.
Од средновековието останато е секој град или населено место да изѕида бедем за заштита од освојувачи. Задолжително било да има и порта. И тоа голема капија, да можат непречено да се разминуваат трговците и коњаниците. Портите имале големо
значење при опсадите на градовите. Се граделе од најквалитетни материјали. Најголемиот град во тогашниот свет, главниот град на Византија, Константинопол паднал под турска власт токму поради неквалитетна градска порта која ја погодиле топовите на Сулејман Величествениот.