АСФАЛТ ЗА СЕКОE ЌОШЕ

Љупчо Митрески, раководител на одделението за патишта при секторот за урбанизам на ЛС

Што ја сочинува патната мрежа во Општината?

Патната мрежа се состои од општински патишта и улици. Општинските патишта го поврзуваат градот со населените места, кои пак го поврзуваат градот со државните патишта или вршат поврзување со туристички, спортско – рекреативни центри и културно историски локалитети од локално значење. За општински патишта се категоризирани 44 патни правци со повеќе од 210 километри, а градот располага со улична мрежа од околу 170 километри. Заедно со улиците по селата кои се околу 100 километри, општинската патна мрежа е долга околу 500 километри.

Каква е состојбата со улиците во градот сега, а каква беше пред пет години?

Пред пет години повеќе од 40 отсто од сообраќајниците во градот беа неасфалтирани. Сега под асфалтна покривка се уште 45 километри. Остануваат нешто повеќе од 20 километри улици без асфалт, односно околу 15 проценти од градската улична мрежа. Најголем дел се во Тризла и Чачорица, каде прво треба да се изведе канализацискиот систем, што е дел од проектот пречистителна станица. Потоа ќе се пристапи кон асфалтирање.

Што е сработено лани?

Лани градежната сезона почна со кружниот тек на крстосницата на  булеварот “Гоце Делчев” и улицата “Димо Наредникот”. Ставен е во употреба. Пред крајот на годината се почна градбата на новиот кружен тек на крстосницата на улиците “Марксова” (“Прилепски бранители”) и “Мице Козар”. Лани се асфалтираа 15 километри улици. Повеќе од 12 км во градот. Беа рехабилитирани улици со површина од 23000 м2. Асфалт се тураше во Аличаир, Вишне, Бончејца, Гоце Делчев, Рид, Точила, Варош, Жабино маало, Сточен пазар, Тризла 1, Тризла 2, Центар, Чачорица и Штавичко маало. Почнаа градежните земјени работи на улиците во индустриската зона “Прилеп 1”, кај “Металец”. Со кредит од Светската банка се реконструира влезот во Прилеп, на потегот од бензинската пумпа “Лук Оил” до бензинската пумпа “Макпетрол” во должина од 790 метри.

Се реконструира ли дотраениот асфалт на улиците?

Најголем дел од улиците со асфалтен коловоз се постари повеќе од 30 години. Тие се доста оштетени. Потребна е рехабилитација, односно поставување на нов асфалтен слој. Старите улици со ново асфалтно “руво” се дотераа во населбите Аличаир, Бончејца, Варош, централното градско подрачје и др. Се рехабилитираат улиците, Булевар “Гоце Делчев” (од крстосница со “Јоле Андоноски” до Противпожарен дом), “Кузман Јосифоски”, “Орде Чопела” во Варош, “Шар планина”, “Пелистерска” и “Беласица” во населбата Аличаир, “Климент Охридски” и “Нада Циривири”.

Локалната самоуправа вложуваше во отстранување на калта по селата? 

Континуирано се работи во населените места. Нови улици со асфалтен коловоз добија жителите на селата Големо и Мало Коњари, Тополчани, Кадино село, Ново Лагово, Галичани, Беровци, Канатларци и Селце. Со програмата на Владата за реконструкција и рехабилитација на локалната патна мрежа, преку фондовите на Светската банка и Европска банка за обнова и развој, Прилеп доби 12 патни правци за општински патишта до населените места со должина повеќе од 35 километри. Веќе се асфалтирани патишта до Канатларци, до Големо Радобил, до Бонче, од Веселчани кон Боротино, од Подмол до Лопатица, до Дуње, до манастирот Свети Димитрија во Селце, до Штавица. Се гради патот од Беровци до Галичани, а годинава ќе се изведат патиштата од Клепач до Ерековци, до Маркова чешма и од Алинци до Шелеверци. Тука е и патот до Манастирот “Трескавец”, што почна да се гради на дел од трасата и каде веќе е поставен асфалт.

Каква динамика ќе има асфалтирањето на улиците годинава?

Во рамките на програмата за уредување на земјиштето на општината за 2013 година се предвидува градба, рехабилитација и реконструкција на општински патишта и улици. Континуитет има крстосницата со кружен тек на улиците “Марксова” (“Прилепски бранители”) и “Мице Козар”, со кредитот обезбеден од Светска банка општината го реконструира влезот во Прилеп  на потегот од бензинската пумпа “Лук Оил” до бензинската пумпа “Макпетрол” во должина од 790 м, со тенденција да се продолжи со вториот дел од тој проект, поточно од бензинската пумпа “Макпетрол” до крстосницата кај “Солидност”. Улицата “Моша Пијаде” (“Александар Македонски”) во должина на оваа делница ќе биде со четири коловозни ленти, среден разделен зелен појас со улично осветлување, тротоари и дел велосипедски патеки. Се работи техничката документација за улицата “Иво Лола” (“Цар Самоил”) од “Салида” до “Чумовчанец” и улицата “Димо Наредникот” од хотел Липа до “Кеј 1-ви Мај” кои ќе бидат со по четири коловозни ленти и среден разделен појас. Нивната реализација ќе биде веднаш по изведбата на колекторската канализација која е дел од проектот “пречистителна станица”. Продолжува реконструкцијата и рехабилитацијата на улиците низ градот и селата. Во индустриска зона, “Прилеп 1” ќе се изведува подземната инфраструктура, после што ќе се пристапи и кон асфалтирање на улиците во зоната. Ќе отпочнат работите и на инфраструктурата во новата станбена населба Градина.

Loading