Тоа е третина од проектот за пречистителната станица за отпадните води, вреден 20 милиони евра
ЈКП Водовод и канализација (ВиК) ќе го реши долгогодишниот проблем со канализацијата во населбата Тризла преку големиот проект за изградба на пречистителната станица за отпадни води, финансиран од Европската комисија со Владата, а вреден околу 20 милиони евра. Македонското учество е 15 проценти. Таму ќе може да се асфалтираат улиците со поставувањето на големиот канализациски систем. На улица Тризла е предвиден голем колектор. Ќе се собираат сите води и ќе се насочат кон градската река. Со тоа ќе се отстранат опасностите од поплави на улиците Дебарца, Штипска, Велешка, Маркови Кули. Паралелно ќе се санира одводниот канал под Маркови Кули. При врнежи, целото сливно подрачје слегува на улицата Тризла, а одводните канали не се соодветни на прописите. Затоа проектот ќе почне од горниот дел, а не од долниот.
– Точно 6,2 милиони евра или третина од проектот се наменети за канализацијата во Тризла. Цените се повисоки, заради карпестиот терен – вели првиот човек на ВиК, Саше Николоски.
Со првиот проект од КФВ банката е реконструирана целосно водоводната мрежа во Тризла.
Според Николоски, копањето на бунарите во Бегова ливада, работени од 2009 година, па со нивно мрежно поврзување, годинава што доаѓа, ќе има епилог.
– Со пари од Европска банка, преку министерството за транспорт и врски, добивме околу 700 илјади евра, за окончување на бунарскиот систем и вклучување во градската мрежа уште на сто литри вода. Остануваат ситни интервенции наменети за високата зона. Лани ниската зона имаше вишок вода, а за високата, поврзана со Студенчица, не можеше да се транспортира водата. Затоа реализараме доста скап проект од 200 илјади евра за препумпна станица. Опремата стигнува и е потребно уште потисен цевковод на ул. Мукос до големиот Варошки резервоар во должина од 300 метри. Така ќе ги имаме дополнителните 130 литри вода, ако има потреба во високата зона, ако има слаб проток од Студенчица како лани и во секое време ќе сме подготвени за дистрибуција на квалитетна вода – вели Николоски.
ВиК ги отстранува дефектите и во филтер станицата за пивка вода, која треба да пречистува вода од вештачкото езеро. Филтерските постројки никогаш не се активирани од изградбата од 2004 година.
– Со изградбата на препумпната станица има изгледи за ставање во функција на филтер станицата, ако има потреба. Техниката се деконзервира во соработка со стручнаци од словенска и израелска фирма. За скоро време ќе се тестира функцијата на станицата со пуштање вода од вештачкото езеро, третирање на таа вода, дезинфекција, коагулација и сите оние процеси кои се потребни за производство на пивка вода – објаснува Николоски.
Паралелно ВиК ја реконструира водоводната мрежа на ул. Селечка заедно со Дервен и Караорман. До крајот на годината, и тие улици ќе се асфалтираат. Таму се заменети и канализациските цевки. При крај е реконструкцијата на ул. Војводинска и улицата Струшка. Се завршува канализацијата на ул. Св. Наум Охридски во Врбеско маало.
Селата Канатларци и Големо Коњари ќе добијат канализација со аплицикацијата до Европската банка.
Затвор за арамиите
– Заменета е 60 отсто од водоводната мрежа. Годинава сменивме 11 км азбестни цевки за вода. Продолжуваме и в година со ова темпо, и тоа со сопствени пари. Со тоа се праќа поквалитетна вода и паѓаат техничките и комерцијалните загуби на вода. Загубите од 75 отсто, се сведени под 50 отсто, од кои дел се од несовесно користење. Азбестните цевки имаат техничка маана, без оглед на здравствените импликации, за кои сметам дека ги нема. Со оваа динамика за четири години ќе ја замениме 90 отсто од водоводната мрежа – вели Николоски.
Во 2012 година се откриени 380 диви приклучоци.
– Тоа е тешка работа. Ангажиравме фирма за откривање на диви приклучоци. Не запираме. И законот ќе ни биде од рака со менувањето на кражбата од прекршок во кривично дело – кажува Николоски.
Без Студенчица Прилеп не би можел да функционира и покрај сите зафати што ги прави ВиК.
– Сакам да напоменам дека во моментов проблеми со водоснабдувањето немаме, изворот Студенчица има дарежливост од преку 1000 литри во секунда што е сосем доволно за снабдување на сите општини што се врзани на тој регионален водовод. Климатските прилики ни одат во корист, што значи дека оваа година нема да има проблем во водоснабувањето во однос на протокот од регионалниот водовод Студенчица. Личен став ми е дека 30 отсо од дарежливоста на Студенчица ќе е доволно за Прилеп – заврши Николоски.
![]()

