Играчки и колети, училишен прибор, пакети со производи, опрема за домаќинството и алишта подари градоначалникот Марјан Ристески на петчленото семејството на самохраниот родител Ѓорѓи Цикуроски, кој живее од социјална помош. Радосни на подароците беа четирите деца, Фросина (9), Ирина (7), Андреја (5) и Ивица (3).
– Нова година е и за социјално загрозените семејства. Децата на таткото Цикуроски не се разликуваат од другите. И тие сонуваат елка, лампиони, новогодишни пакетчиња и играчки. Убеден сум дека им остваривме дел од нивните мечти. И останатите граѓани ќе го поделат новогодишното славје со сиромашните. Хуманоста не се изразува само за празници, туку треба да е трајна – рече Ристески.
За таткото Ѓорѓи (44), секоја помош е добредојдена, оти децата ги одгледува само од социјален надомест.
– Понекогаш ќе сработам нешто, колку за скромните потреби. И толку. Не се жалам. Весело и убаво е со толку деца – вели Ѓорѓи
Две од четирите деца, кои ги напуштила мајката им, веќе се ученици.