Фудбал: Уште еден талент замина, Мартин Рутески
Овозможуваат двегодишна стипендија, најдобро што може за млад играч – смета 16-годишникот
Само до пред неколку години, од сите страни доаѓаа фудбалски засилувања во градов, дури оддалеку, од странство. Сега како што се се превртува во светов, по згаснувањето на старата Победа, работите се движат обратно. Талентите прифаќаат повик главно од помоќните скопски клубови, особено од Металург. Последен пример е играчот за врска Мартин Рутески од 11 Октомври.
– Сонот на поранешните генерации бил Победа, но трендот се менува. Сега нема друг избор, туку среќата ја бараме во главниот град – вели Рутески.
Желбата ја оствари на 16 години. Ги помина пионерската и кадетската школа во 11 Октомври, кај координаторот Тони Наумоски, а последните тренинзи ги одработи со тренерот Коле Вецески. Во прилепскиот клуб се откриваат и собираат талентите, низ макотрпна работа се доаѓа до едно ниво и натаму веќе ги нема потребните услови. Тоа го нема ни оддалеку во нашиот второлигаш, така што правецот е во елитните клубови.
– Условите се примамливи. Обезбедено е сместување, храна… Со потписот ми се овозможува стипендија следните две години. Најдобро што може за млад играч – истакнува Рутески.
Во Металург лани отстапен од Металург во Локомотива бранеше Александар Игески, а во младинската екипа веќе е напаѓачот Марјан Радески… Прилепските таленти се само дел од клубот кој собира се што ќе му се допадне од земјава. Конкуренцијата е голема и успех е членството, додека најдобрите се истакнуваат во првиот тим.
– Со стручна и упорна работа ќе дојдам до целта. Важно е да станам добар професионален фудбалер, а за повеќе, здравје – заврши Мартин Рутески.