МИНИПРЕМИЕР ТРЕБА ДА Е ГРАДОНАЧАЛНИКОТ

Марјан Ристески по трет пат, “татко на градот”

Трет пат Ве избраа за кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ на Прилеп?

Ја добив довербата од партијата за кандидатура за трет мандат. По сите анкети и анализи кои се направени мојот рејтинг, рејтингот на локалната власт и на ВМРО-ДПМНЕ е на многу високо ниво, што укажува на фактот дека во минатиот период се работело добро. Граѓаните го препознаваат и го ценат сработеното. На конкурсот, со мојата кандидатура понудив и програма за наредните четири години. Тоа е континуитетот и реализација на голем број проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живеење на моите сограѓани.

Што конкретно ќе понудите да го добиете следниот мандат?

Програмата е заедничка со граѓаните. Имаме отворен ден во општината за средби со нив. Тоа многу помага во комуникацијата со граѓаните, од коишто произлегуваат сите идеи. Концентрирана е на развој на економијата, намалување на невработеноста преку подигање на индустриските зони, како и во штотуку започнатата слободна економска зона каде ќе се привлечат домашни и странски инвестиции. Има и проекти за континуирано инвестирање во образованието, културата, спортот, екологијата, руралниот развој, културниот и фестивалскиот туризам и сé друго што е во интерес на граѓаните.

Дури имате некои необични проекти?

Предвидена е едукација на земјоделците за користење на  ИПАРД – програмата, оти Прилеп е земјоделски крај. Од субвенции влегуваат годишно околу 40 милиони евра.

Кои крупни зафати би претстоеле?

Битно за реализацијата на проектите е враќањето повеќе пари од централната кон локалната власт. Но, градоначалникот треба да е мини премиер кој менаџира со општината за подобар живот на граѓаните, а не само да бара пари од централата. Затоа ќе може да се реализиараат повеќе зафати. Значаен проект е градбата на пречистителната станица од 20 милиони евра. Важен е развојот на градов со утврдување на градежни зони според генералниот план. Веќе се продаваат евтини плацеви за градба на индивидуални и колективни станбени објекти, како што е новата населба Градина. Ќе се гради фабрика за рециклирање отпад и производство на електрична енергија и биогас. Ќе се реконструираат влезовите во градот, а внатре крстосниците ќе се регулираат со кружни текови. Дабничкиот канал, со копмлетното покривање, ќе се претвори во катче за минување на пријатни моменти. Ќе се изгради нова детска градинка и ќе се реконструираат и прошируваат постојните. Континуирано ќе се инвестира во основните и во средните училишта. Извесна е и градбата на ново основно училиште за децата од урбаните заедници Сточен пазар и Жабино маало.

Loading