Престиж

По таткови стапки тргнале браќата Рајатоски пред повеќе од десетина години да не безделничат со празни џебови, да не бидат товар на семејството, туку да се задомаќинат и да вадат леб, да гледаат фамилии. Татко им, со тапацерскиот занает, совладан со искуството во Црн бор, им ги предал марифетите на потомците во тапацирањето на каучи, столици, фотелји, двоседи, троседи, ставајќи им на челадта “златна нараквица” за век и веков. Вредните синови, првин, на црно со чекан и шрафцигер, а од 2002 години и со сопствена фирма, крстена Престиж, успешно напредувале во бизнисот. Не само што спечалиле опрема за тапацирање, туку и го надминале темелот на “учителот”, проширувајќи се на полето на корпусниот мебел. Во фирмата се произведуваат комплетни кујни, плакари со подвижни лизгачки врати и спални соби, трпезарии, небаре извадени од дизајните на италијанското списание за уредување на домови Каза.
– Иницијатор за фирмата беше брат ми Горан, кој, за жал, почина. Немаше среќа да го продолжи бизнисот. Тој малку одеше кај мајстор, кроеше иверици. Откако се затвори фирмата, направивме своја фирма двајцата без работа, слободни. Почнавме од нула – со шрафцигер и чекан од дома – па легализиравме бизнис – кажува сопственикот Сашо.
Цврсто и претпазливо го осовременувале и усовршувале бизнисот, откривајќи и вградувајќи нови тајни на мајсторилакот. Веќе десет години фирмата се бори на конкурентскиот терен, не ретко и со нелојалните ривали. Без лутење на сомнителните колеги, успева да скрои и стокми, од различни материјали, дизајнирани кујни како од врвни архитекти и експерти. Умешноста и инвентивноста, надополнети со расположивите машини, му овозможуваат реализација на сложени креации на мебел во работилницата.
– Не само кујни, создавам секаков мебел за дома, па дури и деловни објекти, канцеларии, кафетерии, ресторани… Го негувам тапацирањето од татко ми, иако нема допирна точка и е сосема различно со корпусниот мебел. Тапацирањето се сведува на сервис и ретко на нова изработка, освен нешто едноставно за фризерски салони, сепареа и слично. Ориентација е корпусниот мебел, кујни, спални, дневни, детски соби, комоди, плакари, каде сме сериозна конкуренција на поголемите фабрики. Така стасав до четворица вработени – кажува Рајатоски.
Според него, тренд е кујните да се од медијапан. Не знае до кога ќе трае таа мода. Смета дека ламинатот се исфрла од употреба, а бил најквалитетен и најпогоден за кујни.
Рајатоски е внимателен со идеите за просторно проширување. Зашто лесно се пропаѓа, доколку се зацапа подлабоко. Очекува да се обелодени објавата за плацеви кај Сточниот пазар, зашто би тапкал в место, ако остане каде што е. Неизвесна е перспективата, бидејќи е ситна заработувачката. Иако технички е релативно добро поткован, не претендира да се задолжува. А, за поголем простор, нормално дека е нужна посовремена и поефикасна техника. Ама машините се скапи. Еднаш размислува за проширување, а трипати не. Зашто вака барем сетил како од нула почнал, и до каде стигнал.
![]()

