Берберите се собрале на едно место да направат заедничка фотографија пред стариот дуќан на берберот Чуле во старата чаршија. Ги имало десетина, кои потстригувале селски и градски глави, со бујни коси и келави со ретки влакна. По цел ден со ножиците дотерувале луѓе на нозе. Особено во сабота, не можел глава да крене и уста да отвори. Луѓе вриело и од по селата. Нападнатите бербери се подгрбавувале, наведени над секоја глава со саати. Им се фаќала не само половината, туку и прстите од брзото движење на ножиците. И градските навалувале во сабота, оти се знае дека во Прилеп капењето е саботно. Додека дел од прилепчани немале бањи, ја користеле градската бања во сабота.
Кога немало работа берберницата, како старата на Апле, била место за муабети. Паѓале и курназлаци. Се играло и шах, покрај тоа што берберниците биле и читални за весници на пензионерите и бадијалџиите.
Берберите бричеле долги и густи бради, дотерувале мустаќи жолти и бели. Со бричот наострен од кожа, правеле тасма од лицата избраздени.