ДА ТИ КАЖАМ ДВА ЗБОРА – ДВА ЗБОРА ДВА ИЗГОРА

Се јави еден читател до рубриката “Јазичен агол” со прашање во врска со множинската форма (форми) кај нашите именки. Ќе го приведеме во целост делот од написот што се однесува на ова прашање:

“Почитуван г-не Благоја Ивчески, не знам дали имате пишувано за следново што ме интересира, но сепак мислам дека не е на одмет да се напише. Се работи за следново: од кога македонската множина завршува на “а” (два телевизора, весника…). Мислам дека тоа е србизам, а не дел од македонскиот јазик”.

Сме пишувале на оваа тема и ако можеби не точно вака како што е поставено прашањево. Па еве, како што вели авторот на написот “не е на одмет” повторно да се навратиме.

Најпрво, голема благодарност и пофалба за читателот, за кого дознавме од написот дека се вика Марјан. Пофалба, зашто поретки се луѓето кои се интересираат за проблематиката во нашиов јазик.

Да се вратиме на прашањето. Дали можат нашите именки (во множинска форма) да завршуваат на А и дали е тоа србизам? Веднаш ќе одговориме, онака, како на квиз, дека тоа не е србизам и дека нашите именки (во некои случаи) можат да завршуваат на А.

Ваквиот одговор, така да се рече, е доста сув. Тоа треба да се објасни пошироко и подетално, сепак во рамките на просторот што го имаме на располагање.

Во нашиот јазик постојат две множински форми, две множини, едната е обична множина, а другата е збирна. Сопствените именки (Благоја, Марјан, Битола, Прилеп) немаат множина. Темата е мошне широка, но ќе споменеме и тоа дека има и други именки (не сопствени) кои не образуваат множина – капитализам, рамноправност, романтизам (апстрактни именки) или злато, бакар, воздух (материјални) и други. А постојат и именки кои немаат еднина – плеќи, гаќи, бечви и слично.

Ќе се задржиме на именките од машки род, бидејќи прашањето на читателот (а и одговорот) се однесува токму на тие именки. Именките МОЛИВ, КИБРИТ, САНДАК, во обичната множина ќе гласат – МОЛИВИ, КИБРИТИ, САНДАЦИ, а едносложните – ЛИСТ, ДАБ, ЛЕБ, ќе гласат ЛИСТОВИ, ДАБОВИ, ЛЕБОВИ. Рековме, покрај обичната постои и збирна множина – ЛИСЈЕ, ДАБЈЕ, СНОПЈЕ. Овде нашите луѓе прават многу грешки, под влијание на српскиот јазик. Во српскиот јазик ЖУТО ЛИШЌЕ, ЗРЕЛО КЛАСЈЕ се збирни именки во еднинска форма. Кај нас не е така. Кај нас таквите именки се во множина – жолти ЛИСЈА, големи СНОПЈА, гускини ПЕРЈА. Голема е грешката во песната “Има еден дом сред ЖОЛТО ЛИСЈЕ”, треба да гласи “ЖОЛТИ ЛИСЈЕ”. Да напоменеме и тоа дека наставката во збирната множина може да биде ЈЕ но може и ЈА (СНОПЈЕ – СНОПЈА, ЛИСЈЕ – ЛИСЈА ).

Во рамките на обичната множина кај именките од машки род постои уште и множинска форма со наставка А. Таквата множина е секогаш означена со број и затоа се вика ИЗБРОЈАНА МНОЖИНА. Најголемиот дел од тие именки одат со бројот два – ДВА ЛЕБА, ДВА ВЕСНИКА, ДВА ТЕЛЕВИЗОРА, ДВА ЗБОРА, ДВА ЧАСА. Ученикот ќе рече дека денеска имале два ЧАСА (не два ЧАСОВИ) а песната вели “Да ти кажам два ЗБОРА, два ЗБОРА два ИЗГОРА”.

Има некоја тенденција (или можеби инерција) да се подзаборава избројаната множина, па сме читале – два порази, два пожари, два весници. А не е само бројот два што ја условува избројаната множина. Таа може да оди и со друг број, особено кај едносложните именки – пет КОЊА, десет ПОПА.  А може и со повеќесложни зборови – три ТЕЛЕВИЗОРА, десет ВЕСНИКА.

Врз основа на овие објаснувања ќе се обидеме да извлечеме кратки заклучоци:

1. Избројаната множина најдобро оди (редовно) со бројот два – два ЧАСА, два ЗАЈАКА, два ВЕСНИКА, два ЗБОРА.

2. Таквата множина може да оди и со други броеви – седум ВОЛА, три КРАЛА (најчесто кај едносложни именки).

3. Кај повеќесложните именки обично се налага формата на обичната множина – четири ДЕКАРИ, девет ТЕЛЕВИЗОРИ, осум МЕСЕЦИ. При случаите каде што го нема бројот два множинската форма со А е поретка, но е можна – пет ИЗВОРА, седум ЈАВОРА.

Ќе подлечеме дека множинската форма која завршува со А не е туѓа во нашите народни говори и во народната поезија:

“Орал дедо, што ми орал,

Чул в селото тапан бие,

Си отспрегнал двата ВОЛА

И ги втерал во два ДОЛА”.

Во пословиците: “Нема зијан од два РУЧЕКА, туку од два ЌОТЕКА”.

Значи, господин Марјан, просторов не дозволува да одиме во поголема широчина. Веруваме дека ќе бидете задоволен од одговорот.                      

Благоја Ивчески

Loading