Како се празнува најрадосниот празник
Според натурализираната прилепчанка Даниела Мелвил Ланген, постојат извесни разлики во славењето на раѓањето на Исус
Божик е најрадосниот ден за христијаните. Верниците кои го прославуваат Божик според Грегоријанскиот календар, на 25 декември го одбележаа Христовото раѓање кое го отвора патот кон спасение и вечен живот, додека пак православните ќе го дочекаат на 7 јануари. Божик како празник кој носи топлина во домот и ја поттикнува надежта и вербата во животот, со свои специфики го слават католиците. Верни на традицијата и обичаите, го слават секаде, колку и да се далеку од своето огниште. Разликите спојуваат, изразуваат почит кон другите, а за тоа како се празнува Божик во Франција раскажува натурализираната прилепчанка Даниела Мелвил Ланген, која со сопругот Даниел Мелвил, веќе седум години живее во Прилеп. Еве што вели таа:
На француски Божик се вели Ноел. Има и имиња Ноел, т.е. Божик. Франција е голема земја, та постојат извесни разлики во славењето на раѓањето на Исус. Тој празник, како и други големи верски празници е денеска комерцијализиран, барем во голем дел. Општо земено еве некои поважни елементи во врска со Божикот во Франција.
Четири седмици пред Божик почнува она што се вика Аван (со латински букви се пишува АВЕНТ). Се зема венец од зелени млади гранки и четири свеќи од кои секоја се пали по една до празникот. Венецот е симбол на победа и на слава, а зелените гранчиња го симболизираат враќањето на пролетта преку Рождеството и јаслите за Исус – бебе во штала во Витлеем. Оваа традиција почнала во Германија во шеснаесеттиот век.
Се прави или се купува “креш”: мала штала со јаслите каде се родил Исус, и неколку личности од глина или друг материјал. Како таков, Исус се појавува сиромав меѓу сиромашните. Обичајот се појавил во 13 век во Прованса (Франција).
Во револуцијата од 1789 година, револуционерите ги забраниле полноќните миси (Божји служби). Црквите биле употребувани како магацини за сено и за други материјали.
Обичајот за божикно дрво ја симболизира јаболкницата во Рајот со Адам и Ева (бесмртност). Таа традиција започнала во Алсаз (Елсаз), во 16 век, од каде преминала во Германија, од каде се проширила во Франција во 1837 година. Што се однесува до украсните топки, во почетокот биле јаболка, ама, бидејќи не е лесно да се најдат на зима, некој трговец се сетил да ги замени со украсни топки, што ги симболизираат јаболката.
Се направил и календарот за Аван (од 1-ви декември до 24-ти). На календарот од хартија секој ден се отвора едно прозорче откривајќи ја датата за тој ден.
Полноќната миса на 24-ти декември го слави Рождеството. Денес се повеќе се заместува со вечерна Божја служба, а не на полноќ. За децата има служба следниот ден. Вечерта на 24-ти декември се слави во Франција, обично во кругот на семејството. Во други земји празникот се слави различно. На пример, во Јапонија, двојките романтично го слават Божик во ресторан.
Божикната вечера се состои од разни јадења, како на пример, Божикна бела крвавица, (“бела крвавица”: буден блан) традиционално составена од свинско црево, исполнета со месо свинско, телешко и од живина. Освен тоа има Божикна мисирка, морски плодови (остриги, полжави, црн дроб од колкана гуска (дебела мрсна) и вечерата се свршува со Божикна цепеница (вид торта или замрзната торта – сладолед). Божикната цепеница е спомен на времето кога во огнот се клавала дебела цепеница да гори додека трае јадењето.
Подароци се разменуваат по вечерата или следниот ден меѓу лица настанети под ист покрив. Завиткани се во убаво бојосани хартии за празнични амбалажи. Подароците за децата главно се играчки.
Од крајот на ноември до крајот на декември се организира и т.н. Божикен пазар. Во специјално изградени дуќани од дрво се продаваат украсни артикли, играчки и подароци, обично изработени од занаетчии.
Празник на краловите (6-ти јануари)
Во Франција овој празник постои од 14 век. Празникот го одбележува идењето “од Исток” на трите мудреци, кои, водени од некаква ѕвезда, дошле да се поклонат пред јаслите со бебето Исус во Витлеем. Во нешто како кравајче и оној кој во својот дел од “кравајчето” ќе го најде зрното, е прогласен за крал или кралица од друштвото, собрано околу масата. “Кралската титула” на мудреците, дојдени “од Исток”, датира од 3 век, ама литургијата ја признала почнувајќи од 12 век и за нив зборува Евангелието. Клавањето гравушка, пак, датира од времето на Римската империја, каде со црни – црвени и бели гравушки се вршеле избори на почетокот од месецот јануари.
И овој празник е комерцијализиран. Гравушките се заменети со пластични фигурички, а наедно се купуваат и кралски круни од хартија со златна боја. Та со нив се крунисува лицето кое ја нашло фигуричката во својот дел од “кравајчето” (кое всушност е слатко и нема врска со македонските кравајчина).