Оро се зави на плоштадот со песните на Блага Петреска и Синтезис за празникот Свети Никола, кој е заштитник на градот. Неколку илјади сограѓани вкусија 62 илјади посни сармички колку лешник, подготвени од 80 жени од четири женски здруженија. Гравче во земјени тави и риби, вино и ракија служеа работниците на домаќинот, македонско англиската компанија од Прилеп, Комфи Ангел на седмото издание на заедничкото одбележување за одржување на адетот и вековната традиција на нашите претци.
{vsig}pic/praznik/236/svnikola{/vsig}
Градоначалникот Марјан Ристески потсети дека градот напредува и го следи само среќа, заштитен обезбеден од светецот, со воспоставувањето на Свети Никола за патрон празник и заедничката трпеза под отворено небо. Тој ја повтори легендата, раскажувана и од Марко Цепенков, за враќање на чудотворната мермерна икона, откако ќе ја изваделе Турците од местото каде денеска се наоѓа параклисот Свети Никола.
На црковната церемонија пред параклисот се предаде домаќинлакот со икони од рацете на косопственичката на фирмата Комфи Ангел, Ирена Јакимоска, во рацете на Самоил Самак, од Микросам, која ќе биде домаќин на славата в година.
Пред четири години Прилеп влезе во Гинисовата книга на рекордите со подготовка на 80 илјади сармички, или за секој граѓанин по една.
Празникот се слави масовно, оти половината од семејствата во градот го имаат Свети Никола за домашна слава, а другата половина се гости.
Свети Никола се поистоветува со популарниот Дедо Мраз, кој го навестува доаѓањето на Новата година. А во Свети Никола веруваат и гладните и босите, и богатите и сиромашните, и несреќните и бедните на кого и Светото предание му припишува чуда.