ПРИЛЕП ВО МРАКОТ ПО ИНФОРМБИРОТО

Мирјанка Ристеска – Селчанец, автор на романот “Бунтовник со причина”

Писателката Мирјанка Ристеска – Селчанец, која ја доби наградата за животно дело на празникот Трети ноември, деновиве во книжарницата “Викели”, по светски терк, го промовираше новиот, шести роман “Бунтовник со причина”.

Се работи за роман, за кој авторката вели дека е слика на градот од мрачните денови на Информбирото.

– Го отсликувам времето по 1945 година, времето на терорите, мизериите и затворањата на видни трговци, на борци, како на пример на Ченто. Ги пренесувам судењата, јавните изложувања, викањата по семејствата. Има повеќе ликови, но главните се професорот Мандин, Срмена, Силјан писателот преку кои ја градам приказната. Другите се периферни. Има овековечени живи личности. Мотивот беше тоа што сум потомок на едно такво семејство. Дедо ми бил еден од прогонуваните. Црнчел, работел да го обезбеди семејството. Купил дуќани, но сé му било земено. Дури семејството беше избркано од куќата. Цел живот ја носам траумата во себе. Малку е автобиографски романот – вели Мирјанка.

Задоволство е  да се овековечува градот.

– За отсликувањето на историјата на Прилеп, “виновен” е покојниот Коле Чашуле. Ме бодреше да не престанам. Продолжувам и веќе имам готов роман, а на друг работам. Во печат е збирката поезија “Еден бакнеж”, посветена на мојот сопруг – истакнува писателката. Ристеска Селчанец автор е на романите Гена, Маргарита, Анка, Насадена љубов, Живот со патрдии и на збирка поезија.

Loading