ОД ЉУБОПИТСТВО ДО БИЗНИС

Интегра системи

Фирмата за сервис и трговија со компјутери Интегра системи не е нова на прилепското компјутерско небо, оти  е позната под прекарот PC4ALL од 2003 година. Една од ретките која е порасната на темелите на младешката љубопитност за информатичката технологија на браќата Александар и Филип Јанески. Речиси една деценија успева да одолее на посилната конкуренција, проширувајќи се и на полето на видео надзорот и алармните системи, со тенденција да се насочи и кон сервисирање на мобилни телефони.

– Покажувавме љубопитност за компјутерите од деца на тинејџерска возраст, запалени по игрите. Тоа толку не “зарази” што успевавме сами да ги направиме ситните интервенции на софтверите. Пораснавме самоуки со мисла за бизнис во иднината – кажува Александар за првите контакти во претприемништвото.

Почетоците биле заеднички на осум ентузијасти. Преку интернет се здружиле, создавјќи го ПЦ4АЛЛ. Увезувале стари компјутери од Канада. Старите машини, дотерани за наши прилики, ги продавале во Македонија за пониски цени со ситни интервенции, кога биле баснословно скапи новите конфигурации. По две – три години секој тргнал по свој пат, за  по деценија да ја имаат сета информатичка техника со сервис во палетата на понудата, дури и последните хитови – таблетите, кои се исти како лаптопите, освен што екранот работи на тоуцх.

– Отворивме дуќан и го развиваме знаењето повеќе и повеќе. Продававме половни компјутери, откупувавме половни компјутери и заменувавме за нови, па и ги надградувавме. И денес откупуваме стари и ги заменуваме за нови лаптопи. И кај компјутерите за скут правиме надградби, ако е можно, а нудиме и стари лаптопи за пониски цени. Не се делиме од првите стапки во бизнисот. Само што во меѓувреме го осовременивме сервисирањето и одржувањето. Покрај монтажите, интервенираме успешно во хардверот. Работиме и на целосно вмрежување. Сервисирањето на хардвер на гаранциите го даваме за неколку часа, иако производителите ги чекаме до 30 дена. Муштериите не се виновни, имаат уредна гаранција и им излегуваме во пресрет, на наш начин, само да бидат задоволни – велат браќата Јанески, од кои Александар е одговорен на продажбата, а Филип за сервисирањето, односно отстранувањето на дефекти од различна природа.

Не се откажуваат од десктопите, од персоналните компјутери, иако сé повеќе продаваат и одржуваат лаптопи.

– Мото на фирмата е брз, ефикасен и специјализиран сервис. Располагаме со потребна опрема за сервисирање. Се отстрануваат поспецифични куртцшлуси на лаптопи и ЛЦД монитори. Проширени сме во електрониката на компјутерите, а не само склопување и продавање. Стекнавме муштерии и се ориентираме на сервисот. Лаптопите ги отвораме и менуваме делови. Понежни се од персоналните компјутери. Имаат помал век на траење. Сервисираме лаптопи што не се купени од кај нас. Ја шириме мрежата на клиенти. Поради силната конкуренција, намалени се драстично трговските маржи и се рамни на неисплатливост. Колку за илустрација, ќарот е околу 700 денари на лаптоп од 20 илјади денари. Со тоа не се одржува фирма. Бизнисот е во сервисот, алармите и надзорните камери – вели Александар.

Во Интегра системи нудат и бела техника, оти ја набавуваат на едно место со компјутерите. 

– И белата техника има мала маржа, ама соработуваме и со каталози со препорачани малопродажни цени и не држиме лагер – објаснува Александар.

Иднината ја гледаат во поопремен сервис со помодерни машини за менување на делови за лаптопи кои го скусуваат времето на поправка.

– Ќе набавиме автоматски машини кои го одкалајлисуваат делот на лаптопот и автоматски го менуваат. За истата интервенција сега им  е потребно повеќе време. Новата техника ќе им овозможи да фатат приклучок и со остранување на дефекти и сервисирање на мобилни телефони – кажува Александар.

Перспектива секако се и безжичните алармни системи со камери, затоа што се ефикасни. 

Loading