НОВОГОДИШНИ ЧЕСТИТКИ

Купуваме весник. Испадна од него некое ливче. Ветерот го одвеа подалеку. Го дофативме. Убаво, шарено ливче, или ФЛАЕР, како што го викаат сега. Убаво здиплено. На челната страна напишан текст “Честитајте ја Новата 2013 година со новогодишни честитки на СОС ДЕТСКО СЕЛО”. На внатрешната страна објаснение дека со купувањето на овие честитки им помагате на децата без родители. Под текстот приложени фотографиите од новогодишните честитки. Одлично. Убава идејата, убави и честитките. Загледуваме повнимателно. Сите честитки напишани на англиски јазик! Појава што веднаш предизвикува гнев. Зошто не на македонски?! Не интересираше какво е мислењето на луѓето од ДЕТСКО СЕЛО. Како  што би рекле старите, за еден унер, се јавивме на телефон. Ни се јави љубезен женски глас:

– Детско село! Повелете!

– Извинете, ќе може ли нешто да ве прашам?

– Да, да! Само повелете! – љубезно одговара соговорничката.

– Знаете, изутрина купив весник и во него пронајдов едно флаерче со кое ги нудите вашите новогодишни честитки. Зошто… – соговорничката упаѓа без да го чуе прашањето.

– Да, да ќе имаме многу убави честитки. Сакате ли да направите порачка?

– Не, не! Сé уште не. Не интересира нешто друго. Дали тие честитки ќе можат да се испраќаат низ местата во Македонија или се наменети за во Америка? – (сакавме да бидеме малку циничен).

– Како тоа, ве молам? Се разбира дека ќе можат секаде да се испраќаат! – одговара соговорничката без да ја разбере иронијата.

– А зошто не се напишани на македонски јазик? – прашуваме.

– Е, тоа, знаете, оваа година така решивме… Сакавме да бидат УНИВЕРЗАЛНИ! – одговара соговорниката, со евидентно задоволство што решиле да бидат УНИВЕРЗАЛНИ честитките.

– Не можеме да разбереме во што се состои УНИВЕРЗАЛНОСТА и со што ќе се нарушеше ако беа на македонски ?!

– Па видете, знаете… тоа… знаете, има луѓе кои патуваат во странство… – одговара соговорничката со несигурни и неуверливи аргументи.

– Ништо од тоа! – велиме. – И да беа честитките на македонски, луѓето ќе си патуваа во странство. Зар ние немаме свој јазик? Зар и честитките ќе си ги упатуваме на туѓ? А, смеам ли да ви го кажам сопствениот став за оваа грешка?

-Да, да, како не ! Баш ме интересира! – вели соговорничката.

– Па еве, еве ги најблагите квалификативи. Најблаго речено тоа е некоректно и срамно. Па и тие деца без родители за кои ќе бидат наменети средствата, и тие се наши деца. И нивниот јазик е македонски. Во случајов, не знаеме со кого разговараме, не го знаеме вашиот статус. Не ги знаеме вашите, евентуални компетенции во обликувањето на честитките. Знаеме само тоа дека вашата институција е хумана, а гестов со честитките е несоодветен.

Вака го привршивме разговорот. На крајот соговорничката проговори кратко:

– Добро! Сепак… ви благодарам…

Се присетивме за една мисла од еден умен човек: “Колку повеќе мислам, се повеќе се замислувам”. Зар ваквите појави не треба да не замислат, па и да не загрижат? Каде одиме, по кој пат?

По нашите патишта, многу често, патоказите се исчкртани со црна боја и тешко се читаат. А нашиот главен патоказ е обоен со црно, да не речеме – обвиен во црно.

Каде тргнавме? Луѓе! Каде одиме?!

Внимание – АМБИС!

Благоја Ивчески

Loading