НОВИ РАБОТНИ МЕСТА ВО СТРАНСКИТЕ КОМПАНИИ

Камен темелник на ТИРЗ Алинци

Зоната има 67 хектари со можност за проширување уште на 35 ха, и ќе биде поврзана со патна, водоводна, електрична и канализациска мрежа

 

Странски компании од голем калибар се очекува да отворат погони во слободната економска зона Алинци која треба да биде готова догодина, а во која вработување ќе најдат голем број прилепчани.  Студеното време може да ги забави, но нема да ги запре владините намери за побрза изградба на технолошко – индустриската развојна зона. ТИРЗ Алинци ќе го забрза економскиот развој на општинава, покрај оној со развојот на индустриската зона Прилеп 1, намената за мали и средни претпријатија каде се распродадени парцелите и ќе почне изградбата на погони и ќе се отворат нови работни места. 

– Верувам дека на оваа зона и претстои добра иднина, а таква иднина го очекува и регионот и сите оние домаќинства од Прилеп и околината кои ќе имаат по некој член од семејството вработен во некоја од фабриките во Технолошко – индустриската развојна зона кај Алинци. Големите инвеститори ќе отворат и голем број работни места. Зоната има плански опфат од 67 хектари со можност за проширување на уште 35 и ќе биде поврзана со патна, водоводна, електрична и канализациска мрежа. Со ова и со условите во зоната Прилеп, Битола, Ресен, и околните населени места ќе добијат простор кој верувам дека ќе привлече голем број заинтересирани инвеститори – рече премиерот Никола Груевски при поставувањето на камен темелникот на инфраструктурата на зоната.

Според директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони Виктор Мизо, оваа зона е една од 11-те во државава кои даваат резултати.

– Доказ за тоа се Џонсон Контролс и Џонсон Мети кои лани во вкупниот извоз на Македонија учествуваа со 16,3 проценти, а годинава се очекува нивното учество во  извозот да биде 20 отсто – рече Мизо.

Со бројните економски мерки и стимулации, се промовираат инвестициските можности во државава.

– Се надевам дека ова ќе помогне да се најдат дополнителни проекти за оваа зона не само за странските инвеститори, туку своето место да го најдат и домашните фирми за да отворат капацитети и да вработат нови луѓе – рече Веле Самак, министерот за странски инвестиции.

Со изградбата на технолошко-индустриската развојна зона и со индустриската зона Прилеп 1, каде се распородадени 21 парцела, а и со подготовката на нови три, Прилеп се промовира како вистинска дестинација за привлекување на странски гринфилд инвестиции, но и за развој на домашните фирми.

– Прилеп направи многу да понуди добри услови за развој на индустријата и економијата. За скоро време ќе се продаваат плацеви и во зоната Прилеп 2 за помали услужни фирми и работилници. Се подготвува и зоната Прилеп 3 спроти Жито Прилеп. За една година се изготви Генералниот урбанистички план, се донесоа детални урбанистички планови и се овозможија атрактивни локации не само за развој на економијата, туку и за нов станбен и деловен простор, со што ќе се обезбедат близу 2.000 нови вработувања – рече Ристески. 

Со продажба на парцелите се отвора можност за понуда на 300 станбени единици, меѓу кои и во новата современа населба Градина.

Тутунски го меркаат две компании   

Две меѓународни компании фрлиле око за влез во Тутунскиот комбинат, кој бара стратегиски партнер. Според премиерот Никола Груевски, има интерес од две меѓународни компании, од кои едната е позната мултинационална компанија.

– Едната компанија предлага да се формира компанија со заедничко вложување со државата и на тој начин да се подобри состојбата во комбинатот. Потоа би сакале да разговараат за целосно превземање. Што и да се случи, и оваа опција, би било добро за Тутунскиот комбинат. Разговараме и доколку завршат позитивно разговорите, тоа ќе биде добро за Тутунскиот комбинат и за луѓето што работат таму – рече Груевски.

Тој обелодени дека е објавен меѓународен јавен повик за барање на  стратегиски партнер за загубарот Еурокомпозит.

Loading