НОКАУТ МЕЧЕВИ ДО НЕДЕЛНОТО ФИНАЛЕ

Хуманитарен турнир во мал фудбал “Свети Никола”

Најдобрите се борат за 5. 000 евра

Во завршницата е четвртиот, традиционален, досега најголем хуманитарен турнир во мал фудбал “Свети Никола” на Локалната самоуправа, Стопанската комора и конфекцијата “Комфи ангел”. В недела е големото финале на најдобрите за награда од 5. 000 евра, а дотогаш нокаут мечеви. Денеска има четири четвртфинални, а в сабота два полуфинални меча.

Квалитетот на екипите е висок и заслужува масовна посета во салата Сонце за популарна цена на влезниците од 50 денари. Парите се за купување мамограф во болницата.

Од 32 тима се издвоија 16 во четири групи. Според прикажаното,  Карпа и Фенербахче Кичево беа во предност пред Пролетер и Црна Река Возарци. Истата улога за Вивафарм Пирава спроти Кремона, Економски и Рунамак, а Преспа Ресен, Витаминка со Блу бел и Шопе маркет. Изненадување на Уницеф пред Такси 5, Провиста тотал Битола и Кабелнет.

Предничат подготвените со засилувања од професионалци и интернационалци. За Карпа игра Илија Несторовски од Чешка, Новче Ацески од Напредок. За Фенербахче Кичево е цела футсал репрезентација, за Вивафарм Пирава се првотимци од Миравци предводени од Мирче Попов. Фокусот е врз голгетерите, кои се истакнуваат. Секој дуел е уживање со пет – шест гола.

Возбудувања, шанси и голови претстојните три дена од 17 часот до недела, а организаторот ветува изненадувања со забавно – музички дел во арената “Сонце”.

Победа првак

Ветеранскиот дел од турнирот беше во чест на професор Веле Јакимоски. Легендите одушевија и ги заслужија наградите од градоначалникот Марјан Ристески и менаџерката на Комфи Ангел, Ирена Јакимоска. Прво Партизан го совлада Пелистер 5-4, а за трето место Пелистер со 1-0 над Вардар. Победа во полуфиналето го победи Вардар со пенали 3-2 (2-2), со головите на Крстески и Здравески, а во финалето надмоќна со 4-2 над Партизан, со по два гола на Тодоровски и Наумоски.

Од клупата на Партизан коментираа “Страда голманот, среќа што не ни дадоа десет гола. Нема шега и в година доаѓаме со репрезентативци”.

Големата четворка во Прилеп

Низ разговор со белграѓаните се нафрли идеја за турнирски собир на некогашните четири југословенски гиганти Динамо, Хајдук, Партизан и Ц. Звезда во Прилеп, плус Победа, Вардар, Пелистер и можеби Брегалница. Турнирот на ветераните би се играл два дена.

– Прекрасно, сите ќе прифатат. Служев војска во Битола, а фудбал гледав во Прилеп. Овде е најдобро место за спектакуларен турнир, да се “стресе” цел Балкан – рече Небојша Вучичевиќ од Партизан.

Бек на 68 години

Мислевме дека нашиот Гоце Манески од Победа со 61 година е најстар ветеран на турнирот, но имало друг за титулата. Капитенот на Партизан, бекот Горан Кадениќ има полни 68 години. Одлично се држеше, одигрувајќи два меча во една вечер.

– Не верувате? Роден сум 1944. Како бебе сум ги слушал бомбите во Белград 1945 – вели Кадениќ.

Loading