МОМИ НА БАЛКОН

Девојките излегувале со радост од дома да ги задоволат природните страсти кон момчињата, кога биле праќани од мајките да наполнат вода со бардињата на градските чешми. Момите со зовриена крв “летале” со штицата леб кога оделе или се враќале од фурна. И каменот пред портата бил место за собирање на комшиските моми, оти родителите биле строги и не ги пуштале девојките да шетаат, како алајкурки по маалата. Кога не се работел тутун, се ѕиркало низ прозорчињата по прашливите сокаци. Испентерени и променети како за на бало, девојките се смешкале, бидејќи се разбудувала во нив пламената страст на љубовта.Ретки биле к’сметливите чорбаџиски ќерки, кои понекогаш од балконите или чардаците им ја пуштале “ортомата”, односно им дозволувале да фрлат некој опул по мануците. Беќарите вртеле околу, правејќи разно – разни гримаси, гестови и ишарети, и давајќи на знаење дека им се бендисува и имаат мерак кон некоја мома.

Во почетокот на минатото столетие, било ерес, грев, момите да се изложуваат на опасност некој да ги погледа, да им се воодушевува на убоста, иако во нив горел љубовен оган. Страста ја згаснувале, главно конзервативните татковци. Нивниот збор бил закон и покорност. Никој не смеел да им се спротивстави, да им речи збор на страна или да им даде отпор, оти тие давале благослов. Татковците ги аминувале  барањата на раката на својата женска челат. Имало и случаи на стројнилак. Ергените праќале луѓе или роднини да ја побараат момата.

Светската еманципација не го изолирала градот. Момите од балконите слегле по калдрмата близу до беќарите. Со другарките и момчињата организирале места за средба, кои потоа се нарекувале корзо. Сегашната улица “Иво Лола – Рибар”, кај училиште Рампо Левката било првото шеталиште. Затоа и денес е останато името Старо корзо.

Loading