Трета лига
Солидна есенска полусезона на фудбалскиот третолигаш Кадино. Пласиран на 10. место со биланс од шест победи, едно реми и осум пораза за 19 бода. Во 36 години ги бележи најзначајните успеси.
– Немаме големи амбиции. Добро е да се задржиме во средината од табелата – вели Миле Кебакоски, член на управата.
Играчкиот кадар е собран од селото и околината. Засилен е и од градов. Товар им се финансиите и се во потрага по донатори. Досега помагаа жителите. Друга тешка мака е теренот. Во овој ранг Кадино настапува во Обршани. Сите мечеви ги игра на гостински и неутрален терен. Скоро ќе се оствари сонот – сопствено игралиште.
– Привршуваме со теренот, просториите, оградите… Сé ќе е по прописите. Полесно е пред нашата публика – смета Кебакоски.
Во Третата лига – Југ најдобропласиран од ОФС Прилеп е четвртото Г. Коњари со 28 бода, Партизан Обршани е седми со 21, Тополчани осмо со 20, Младост на 11-то со 16, Млекар 12-ти со 15, Братство Житоше на 14-то со 13 бода, додека лидер со 41 бод е Борец.