СТРАСТ КОН ГРАФИКАТА

Печатница Растер

“Графиката е љубов и не може секој да ја работи, оти не смее да се гледа само низ призмата на парите. Необичноста е во контактот со многу луѓе. Нема поубаво нешто кога ќе изработам книга и кога му ја предавам на авторот. Не ги гледам парите, туку книгата. Гледам во очите на авторот. Ако му светнат, тоа е задоволство за мене. Сум постигнал нешто. Треба да му се влезе во главата на секој автор и неговите замисли да се остварат”.

Вака вели Милан Танески, сопственикот на печаницата Растер, кој не е само бизнисмен, туку и страстен графичар со долгогодишно искуство. Зад себе веќе оставил испечатени милиони книги, брошури, публикации, списанија, рекламни флаери, и што ли уште не.

Пред да ја отвори печатницата Растер пред 22 години, бил еден од основачите на печатницата Слово. Занаетот, кој за него е уметност и творештво, а не само трка по профит, го печел во малата типо печатница во чаршијата на неговиот дедо Боро Кебакоски од 1979 година.

– Идејата за Растер дојде по Слово, регистрирана по социјалистичките закони од Славе и Боро Кебакоски и еден повратник од Австралија. Решив сам да терам бизнис, оти бев полн со енергија, а и печатарството како да ми влезе во крвта и да ме зарази. Купив машини офсет од Австрија, што ги немаше никаде, освен во 11 Октомври. Бев прв меѓу приватните печатари во земјава со оригинални идеи. Поинаку гледав на работите, затоа што се вртеа многу пари. И сега располагам со модерна технологија, меѓу 18 печатници, кои само ги туркаат цените, без нормален есап – кажува Танески.

Растер не е позната само во земјава. Рекламни материјали се печатат сега и за Грција, како порано за Србија, Бугарија и Албанија.

– Не сум ориентиран на амбалажа, оти тоа е штанцање без креативност. Афинитет имам кон книгите, списанијата, каталозите. Тоа е предизвик, каде се вложува и дух, покрај обичниот печатарски марифет. Ново, непознато доживување е печатењето на секоја нова книга или списание. Тоа е патување меѓу кориците и со кориците, рамно на “авантура”. Затоа пред повеќе од десет години откажав од огромните тиражи налепници за Пиварницата. Се насочив кон нешто префинето, како што се публикациите, каде се бара не само стандард, туку и следење стручни списанија, посетување саеми и имплементација на новините во печатарската техника – објаснува Танески.

Тој пристапува во графиката со емоции, иако “калфи” му биле професори, магистри и доктори на науки по графика.

– Инженерите од факултетот во Битола учат само техника на сито печат, слогови, букви. Кога ќе се судрат со проблемите, тешко ги отстрануваат. “Потковани” само со теоретско знаење – вели сопственикот на печатницата Растер.

Негови отпечатоци книги за големи издавачки куќи Мисла или Култура, изложувал во Германија. Биле наградувани за квалитет во печатењето. Посебно задоволство му претставуваат комплицираните зафати, како што била книгата за Владиката Агатангел со релјефи и цврсти повески, како енциклопедија. Размислувал во автомобилот, додека се враќал од Штип. Во главата создал вистинско печатарско ремек дело, кое излегло и на хартија. Се гордее и со книгата за Цар Давид, оти авторот сакал необична заднина.

Танески живее и непрофесионално со книгите, оти му се љубов и замена за телевизија.

Растер е точка

Растер е една точка во печатењето. Тоа е всушност раскрсница каде се мешаат четири бои, користени во графиката. Треба да се најде финесата од трите да се дојде до четири бои, што е тајната на секој графичар. Неможе секој тоа да го долови. 

Loading