ШНАЈДЕРОТ СЕ ПРЕТВОРИ ВО КРПАЧ

Кире Јошески

Со скусувањата и интрвенциите на облеката како да сум чирак, а не мајстор

Брусилка и ножица

Многу песни се испеани за терзискиот занает. Штом се спомне шивач, на многумина прва мисла им е песната “Јоване, море Јоване”, во која се опишува мајсторилакот и вештите раце на терзијата што í ја зел мерата на коконата од сенка кога од бања идела.

Таа песна, сигурно си ја потпевнувал и Кире Јошески, како дете, кога чиракувал во битолските кројачници. Кажува дека уште од мал се фатил со занаетот, и полека напредувал од чирак, преку калфа па до вистински мајстор. Првин со метлата го чистел дуќанот од конци и партали, после мајсторите му давале да скрати некои пантолони, за на крај сам да ги земе ножиците, метрото и старата “Сингерка”, па да отвори работилница во Градот под Марковите кули, наместо во Градот на конзулите.

Златни времиња

Во 1975 година, кога на 23 годишна возраст го отворил терзискиот дуќан, имало “плевел” од народ за шиење костими и сукњи. Златни времиња за шивачите.

– Думам дека луѓето носеа материјал за шиење на најразлични костими, оти фабричките беа многу скапи. Со донесено сликче или скината страница од странски каталог и басмата под рака, ми бараа да им стокмам костим – како пресликан од каталогот. Имаше и помлади муштерии, кои со купените фармерки од Италија или Грција бараа да им се скратат или да се прошират да бидат најмодерни во градов со “тексас” материјалот, што го немаше во Југославија. Траперките беа незаменлив дел од гардеробата и кај машките и кај женските. Секој се трудеше да биде поинаков, по – “шик”, да изнуди погледи од симпатијата. Со какви идеи да дојдеа, им го правев меракот и досега немам вратено муштерија или некој да се пожалил на сработеното – кажува сега 60 годишниот Јошески, кој цела работа ја вршел рачно, со рацете мирни, небаре хирург.

Оти работата била мануелна, Кире кажува дека за еден костим било потребно цел ден – од земање мера, до готов производ. Ама сошиениот костим стоел како залиен на муштеријата, без да стрчат рамениците или да ги подгазува ногавиците. Тоа е предноста што секогаш го држела чекор понапред од готовите, купечки облеки.

Чума за шивачите      

Јошески арно го терал занаетот и вадел добри пари. Ама сé што е добро, кратко трае. Тој сега е еден од тројцата “преживеани” шнајдери во градов, оти со напливот на евтини костими и друга гардероба по багателна цена, станало неисплатливо да се шијат костими по нарачка. А, и луѓето го смениле менталитетот за носење на уникатни алишта, скроени по мерка и со висок квалитет.

– Како секаде, и кај шнајдерите се чувствува немаштијата на народов. Секој гледа да земи нешто поевтино, иако знае дека е неквалитетно. Првин турската, па кинеската стока, нé “ничкоса”. Останав со уште двајца мајстори. Другите се откажаа или изумреа, без да му го пренесат на некому марифетот на занаетот или некој од домашните да ги следи стапките на семејните корени. Сега нудам само корекции на гаредеробата – менувам дотраени патенти, лепам скинати кожни јакни… Како да се вратив во времето кога бев чирак, а имам мајсторски ќатип – со жал кажува Јошески, кој одолева на тешките времиња со стекнатиот углед и препознатливоста на квалитетната изработка.

Сам против цела Кина

Не е сé црно во работилницата кај шнајдерот Јошески. Постојано врвчат муштерии за кратење и други поправки на костимите, здолништата, фармерките… Цените се симболични, колку да се помине месецот.

– Работа има, ама и тоа зависи од периодот. За празници не се навасува – имам полни раце работа. Но, ретко седи со скрстени раце и со душа чекам некој да дојде – кажува мајсторот, кој и покрај работата на нога, со стоење, не помислува на пензија, туку ќе продолжи да го негува терзискиот занает дури го крепи здравјето.

Се слуша смеа во дуќанот, оти покрај Кире работат уште две работнички за навреме да ги дотераат и да им ја погодат ујгун рубата на бројните муштерии. Главни алати на мајстор Кире му се пеглата, ножицата и метрото, а нова му е брусилката што ја купил за сечење поцврсти материјали. Има и неколку машини за шиење и цела палета на конци во сите бои и димензии.

Како да е подготвен е повторно да се врати на времето кога не стасувал да ги услужи купувачите за рачно, мајсторски изработен костим. Сигурно Јошески знае да им земе мера на муштериите и од сенката, исто како Јован во народната песна.

Loading