Седмипат ќе се слави патрониот празник Свети Никола, заштитникот на градот на 19 декември, в среда, овој пат под мотото “Сите сме еднакви”. Домаќин годинава е македонско – британската фирма “Комфи Ангел,,.
На плоштадот Александрија ќе биде поставена светиниколска трпеза. Првпат ќе има шатори во кои гостите и добронамерниците ќе ги пробаат вкусните посни сарми со големина на нокт, што ќе ги свиткаат жените од четирите женски НВО “Китка”, “Орхидеја”, “Преродба” и “Мајка традиција” од 1400 килограми расол, 9- килограми ориз, 25 килограми црвен пипер и 150 литри масло. На софрата ќе се понудат и 220 килограми грав, 350 килограми риби, 100 килограми маслинки, овошје. Сето тоа ќе може да се налее со 2000 литри вино, со стотици литри ракија, со неограничен сок.
Подготовките за одбележувањето на празникот привршуваат, велат градоначалникот Марјан Ристески и домаќинката Ирена Јакимоска.
– Патронот почнавме да го празнуваме со турнирот во мал фудбал на кој учествуваат екипи од цела Македонија. Турнирот има хуманитарен карактер. Средствата од билетите ќе се насочат за набавка на мамограф за Градската болница. Продолжуваме во вторник со изложбата “Уметниците во чест на Св.Никола”. Главниот настан е во среда, кога ќе го прославиме празникот. Гостите и посетителите ќе ги забавуваат Синтезис, Блага Петреска и КУД “Мирче Ацев”. Овој празник пред шест години го избравме за заштитник, бидејќи на секоја втора фамилија во градот им е домашна слава – вели градоначалникот Ристески.
Домаќинката Ирена Јакимоска најави дека годинава се подготвува побогата трпеза.
– Вредните раце на жените од невладините организации ќе свиткаат 65 илјади посни сарми. Дента на празникот сите 600 вработени од фирмата ќе им бидат на услуга на гостите. Тоа доаѓа од нашето мото “Сите сме еднакви”. Тоа е потврда дека сме општествено одговорна компанија. Храната што ќе остане ќе биде донирана во хуманитарни цели – изјави Ирена Јакимоска, генерален менаџер на “Комфи ангел”.
Еден од најпочитуваните светци ќе се велича, оти е познат како чудотворец, заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците… Ќе се празнува Свети Никола кој се поистоветува и со популарниот Дедо Мраз, кој го навестува доаѓањето на Новата година. Свети Никола влева верба кај гладните и босите, богатите и сиромашните, несреќните и бедните.
По традиција градоначалникот Ристески го соопшти домаќинот и за следната година. Тоа ќе биде фирмата “Микр-осам”.