Хуманитарен турнир во мал фудбал “Свети Никола”
Уживање во салата “Сонце” до 23 декември
Стартуваше четвртиот, традиционален, досега најголем хуманитарен турнир во мал фудбал “Свети Никола” на Локалната самоуправа, Стопанската комора и фирмата “Комфи ангел”, поддржан од ФФМ. Примамлив е наградниот фонд од 9000 евра, еден од најголемите во историјата на овој вид манифестации. Шампионот зема пет илјади, вториот три илјади, третиот илјада евра. Учествуваат 32 тима поделени во осум групи.
Публиката во арената “Сонце” уживаше уште првиот ден, во средата навечер. На првиот меч екипата Фенербахче од Кичево настапи со воигран состав на фудбалери од Куманово, Скопје и Велес. Ривалот Тополчани го поразија со 10-1 (5-0). Седум гола даде Дарко Ранготов, два Драган Петровиќ, еден Димче Тодоровски, а почесен гол за поразените постигна Николче Шаркоски.
– Спонзор бев на женскиот ракометен Кале Кичево, на футсал клуб, а душа давам за малиот фудбал… Овој турнир е со висок рејтинг, во градов најфудбалски и затоа дојдовме со силен состав. Целта е првото место и максимум вложуваме да го освоиме – изјави Муамер Коџаџиклиоски – Масаро, претставник на Фенербахче.
Меѓу учесниците има екипи, составени од активни фудбалери, професионалци, гаранција за квалитетот на турнирот. Најавени се од Скопје цела футсал репрезентација на Македонија, од Битола, Ресен, Тетово, а за силата ќе потврдат финалистите од летниот турнир во Миравци, Пирава и Црна Река. Од градов се острат екипите фаворити, на Тони Наумоски, на Горан Тодоровски, од фирмите Витаминка, Спорт лајф, Мермерен комбинат, Кремона, Прилепска пиварница… Со фудбалери партиципираат безмалку сите клубови, предводени од второлигашите 11 Октомври, Корзо и Победа.
Денеска, викендов и понеделник по групи се натпреварите од првата фаза, а вторник, среда и четврток втората фаза. Наредниот петок е четвртфиналето, в сабота полуфиналето, а во недела на 23 декември се мечот за трето место и финалето. Публиката хуманоста ја покажува со купување влезници од по 30 денари првите шест дена, а нокаут средбите ќе се гледаат за 50 денари, сé во прилог на купување мамограф.
Партизан в сабота
Посебна атракција на турнирот се ветераните. Тие утревечер ќе ги одиграат сите мечеви. Полуфиналето е од 18 ч. Победа – Вардар и Пелистер – Партизан Белград. Потоа за трето место и финале. Еве ги составите, Победа: Истатов, Ј. Николоски, Трајков, Митев, Дрвошанов, Манески, Магдески, М. Стојкоски, Наумоски, Д. Крстески, Вардар: Мутибариќ, Савов, Марковски, Г. Петрески, Милошевски, Д. Стојковски, Милевски, Пелистер: Милошевски, Петровски, Мицевски, Канатларовски, Стојковски, Христов, Главевски, Ставревски, Грозданов, Партизан: Зекиќ, Клинчарски, Вучичевиќ, Трифуновиќ, Тешовиќ, Чермаљ, Раѓеновиќ, Кадениќ, Стојановски.