Ученикот од седмо одделение во ОУ “Блаже Конески”, Антонио Николоски го преферира соло спортот – стрелаштвото. Годинава го освоил првото место на државниот натпревар во Охрид, во категорија основни училишта. Германската “Ајншац” (еден погодок) пушка и соколовото око на Антонио погодиле не една, туку доволно “десетки” да се искачи на првото место на пиедесталот. Против него биле 15 учесници од цела Македонија. Талентот, добрата пушка, смиреноста и опремата од СК “Стрелец 09” биле пресудни за успехот.
Меѓу “стрелците ” е четири години. За брзо време научил да ги групира погодоците во метата со механички нишан. Тренира двапати неделно по саат ипол. За тоа време испукува 40 дијаболи, затоа што повеќе време поминува во т.н. сув тренинг, односно без пукање, само нишанење. Има пукано и со малокалибарска пушка, ама за разлика од воздушната, има повеќе триење на рамо. Пробал и со оптички нишан, што за него е полесно, затоа што не мора да ги “тенчи” предната и задната механичка мушичка од нишанот. Му недостигаат уште две дипломи од клупски натпревари да добие спортска стипендија. За понатамошно образование на ум му е Гимназијата.
Во женска конкуренција за основци, златен медал за стелаштво освоила Викторија Тренческа од ОУ “Кире Гаврилоски – Јане”. Со 10 десетки ги совладала десетте конкурентки. Тренира во истиот клуб како и Антонио од деветгодишна возраст, а оваа награда не и единствена. Последниве две години била на второто место. Тренинзите по трипати неделно не се пречка да реди само петки. Планира да набави опрема, бидејќи клупската е голема за нејзиниот стас. Со досегашните успеси на клупските натпревари ќе добие спортска стипендија. “Мерка” помодерна пушка “да не í бегаат десетките”. Со целосната посветеност кон спортот, сака крајна дестинација да í биде олимпијада.