Ракомет: Оправдан изборот на претходните засилувања
Павичевиќ и Кликовац се борат за медал
Покрај елиминацијата на репрезентацијата на Македонија од ЕП, натпреварувањето со задоволство на ТВ екраните го следиме, бидејќи има за кого да се навива. Најпознати лица се од селекцијата на Црна Гора, а таму се бекот Андреја Кликовац од Вардар и левото крило Билјана Павичевиќ од Будуќност. Само редат победи, четири досега, речиси сигурно ќе влезат во полуфиналето во борба за медал. Двете се поранешни членки на Жито Прилеп.
На ЕП од тимот на Македонија уште четири ракометарки кои играа за Жито Прилеп или Тутунски: голманката Тања Андрејева, крилото Марија Папуџиева, бековите Ивана Петковска – Саздовски и Марија Штериова. Во составот беа сегашните првотимки на Жито Прилеп, бекот Савица Мркиќ и голманката Дијана Наумоска. Мркиќ одигра четири минути со еден шут, без гол, а Наумоска за 55 минути имаше 12 одбрани од 40 шута. Вкупно се осум кои сме ги виделе во прилепски дрес, што зборува за оправданоста при изборот.
Додека Европското првенство продолжува до 16 декември, тимот на Жито Прилеп одработува тренинзи до 25 декември во салата “Сонце”.