НЕМИНОВНОСТ Е ГРАДСКИОТ ПРЕВОЗ

Бранко Нешкоски – директор на ЈП за ПУП

Како се одразува растот на градот врз сообраќајот?

– Прилеп е град со 74 илјади жители и има неминовна потреба од јавен превоз со оглед на ѕвездестата организација на општинава со голем број долги доминантни правци кои граѓаните ги користат секојдневно. Предничат линиите од сите градски населби до Болницата и од сите населби до новите гробишта, а сега и до индустриската зона. Треба да се земе во предвид и градскиот превоз на ученици од населените места во Општинава.

Каква е сегашната ситуација со сообраќајот?

– Патниот превоз има хиерархија. На врвот на пирамидата е сопствено возило, кое е скапо за одржување и е достапно само на одредена целна група. Користењето на сопствено возило со себе носи дополнителни административни трошоци (регистрација, осигурување) како и користење на скапи деривати на нафтата. На второ место е такси превозот, кој носи извесни трошоци за граѓаните. Така, логично се јавува потребата од константен јавен превоз со редовни и евтини линии, што ќе овозможува квалитетна услуга, достапна за најголем број граѓани. Со реализација на проектот за јавен превоз ќе се создаде поголем избор за транспорт на граѓаните, без да им се наштети на досегашните јавни превозници кои вршат услуги со нередовни и неконстантни линии. Размислуваме за нивно вклучување во јавно – приватно партнерство.

Која е улогата на ЈП ПУП во оваа ситуација?

– ЈП за ПУП, покрај редовните задачи, во програмата има значителен делокруг за стопанисување со сообраќајот, кој е неодминлив при урбаното решавање на градот. Изминатите години успешно го реализиравме проектот – платен паркинг и сме трета општина, веднаш зад Скопје и Охрид што успешно го имплементира ваквиот проект. Годинава, општинскиот совет ни даде мандат да го организираме јавниот превоз, имајќи во предвид дека располагаме со квалификуван кадар кој досега се докажал во бројни проекти со слична проблематика. ЈП ПУП располага со сета законски потребна документација да може да отпочне и да го води јавниот превоз.

Од кога би почнал и како би се развивал јавниот превоз ?

– Зедовме обврска идниот градски превоз да биде константен, со редовни линии и да работи без оглед на материјалната оправданост или недостигот од неа. Сите ќе мораат да се придржуваат кон вака воспоставениот сообраќаен режим. Само така, градов ќе добие организиран јавен превоз во вистинска смисла на зборот. Во план е прво да се набават три нови автобуса, покрај постојните два, со што би се отвориле пет транзитни линии. Петте линии, ни оддалеку не ги задоволуваат потребите. Затоа постепено ќе се прошируваме со нови превозни средства, меѓу кои и минибуси кои имаат помала габаритност и ќе можат да допрат и до секундарната градска мрежа. Во градскиот буџет издвоени се средства за набавка на автобусите, и објектите што се потребни за нивно одржување (автомеханичарска работилница, паркинг за автобусите, обележување на патот, поставување на постојки, сообраќајни знаци, итн.). Секој почеток е тежок, но одлика на ЈП ПУП е константна работа, насочена во еден правец, кој со многу упорност, сигурни сме дека ќе роди плод. Почетокот е планиран за првиот квартал од 2013 -та година. Со реализација на проектов, градов ќе добие уште една коцка од мозаикот, која ќе го приближи до европските стандарди на живеење, а граѓаните ќе имаат можност за поквалитетен живот.

Loading