
Марио Маџоски од мал имал интерес за спортот. Прво фудбалот, па кошарката. Како успешен кошаркар кој нема пропуштено ниту еден тренинг во КК “Ултимејт баскет”, почнал да пројавува интерес за “луѓето во црно” – судиите. Меракот за судиското свирче бил голем кај младиот ученик по медицина, па по доста одгледани и одиграни мечеви решил да стане дел од “секогаш грешните” арбитри.
– Дедо ми Трајче беше фудбалски судија. Ме привлекуаше неговата професија. Ама повеќе ме влечеше кошарката, па годинава во септември бев на семинар во Охрид и добро литературно “поткован” ја добив лиценцата за судија на младински лиги, со само 16 години. Сега повеќе не гледам кошарка, туку ги гледам судиските одлуки – кажува Марио, кој е прв прилепски кошаркарски судија по 25 години, а како што одминуваат годините ќе биде единствен.
Досега делел правда на четири официјални и на 20-тина пријателски натпревари. Секогаш се труди да биде непристрасен и да учи од постарите колеги. Благодарен му е на менторот Пеце Деспотоски. Со уште еден судија на мечевите создаваат дуо кое ја дели правдата на паркетот, а ако има потреба. и кај тренерските седишта. Соработката со другиот судија е битна, зашто еден човек не може да го опфати со поглед цел терен. За брзина на реакцијата се огледува на постарите колеги. Вели дека свирежот е со иста важност од двајцата судии.
– Ме радува што сум добро прифатен од повозрасните колеги. Тимскиот дух преовладува да немаме свирежи од публиката. Со колегата го имаме сиот терен како на дланка, оти доста трчаме според системот на ФИБА. Трчаме повеќе од кошаркарите, па затоа доста ми помага тоа што вежбам кошарка, ама никокаш не ги мешам позициите – кажува Марио, кој успева да најде време и за учење, па сите му се петки.
Жали што градов нема кошаркарски клуб и што не може да суди во родниот град. Има амбиции да стане судија на ФИБА со лиценца за големите натпревари и да суди во големите лиги.
![]()

