ГЛУПОСТ НА ГЛУПОСТИТЕ

Описните придавки можат да се степенуваат. Ако ја земеме за пример придавката УБАВО, можеме да речеме – УБАВО, ПОУБАВО и НАЈУБАВО. Од придавката ГЛУПАВО, ќе добиеме – ГЛУПАВО, ПОГЛУПАВО и НАЈГЛУПАВО. Значи, имаме позитив, компаратив и суперлатив. Со именките не може така, освен во некои ретки случаи – МАЈСТОР, ПОМАЈСТОР. Но, не можеме да речеме – ДРВО, ПОДРВО и НАЈДРВО. Кога би можеле да ја степенуваме именката ГЛУПОСТ, малку ќе ни бидат три поредбени степени. А сиот овој увод, го правиме токму поради таа именка – ГЛУПОСТ. Бидејќи именката не може да се степенува, ќе прибегнеме кон поинакво решение. Проблемот за кој сакаме да зборуваме, ќе го наречеме ГЛУПОСТ НА ГЛУПОСТИТЕ.

Да го образложиме сето тоа. Во еден дневен весник прочитавме некаков оглас. Ќе го приведеме насловот во целост: “Оглас, за ВПАРИЧУВАЊЕ на имотот на стечаен должник по пат на прибирање затворени понуди”. Вака гласеше насловот. Зборот ВПАРИЧУВАЊЕ отпрво малку нé збуни. Не сме го сретнале досега (дајбоже и никогаш да не го сретнеме). Од текстот во огласот разбравме дека имотот требало да се распродава, односно да се претвори во пари. Но, еве се нашол “јазичен експерт” и измислил нов збор – ВПАРИЧУВАЊЕ и така го “збогатил” македонскиот јазик.

Јасно е по кој пат одел “иноваторот” да дојде до “генијалното” решение. Во српскиот јазик постои глагол УНОВЧИТИ, постои и глаголска придавка УНОВЧАВАЊЕ. Е, па, зошто ние да останеме покусо, си има речено авторот на новиот збор. Србите велат УНОВЧАВАЊЕ. Префиксот е У, но тој е српски, скраја да е. Авторот го зема за префикс предлогот ВО, но во неговата скратена форма – В. Србите велат новац, ние велиме пари. Србите велат УНОВЧАВАЊЕ, е ние ќе велиме ВПАРИЧУВАЊЕ. Во Македонија, досега никој нема чуено за овој збор, ниту пак тој соодветствува на нашиот зборообразувачки систем. Кога можат Србите, ќе можеме и ние. Ќе ги ВПАРИЧИМЕ предметите од стечајната маса.

Ајде да си поиграме малку економија. Што значи тоа КУПОПРОДАЖБА? Па тоа е размена, зар не? Или народски речено ТРАМПА. Некогаш се трампело стока за стока. Со појавувањето на парите се трампи (се разменува) стока за пари. Тој што продава стока зема пари, ја претвора стоката во пари и како што би рекол нашиот “експерт” ја ВПАРИЧУВА стоката. Е, сега, како ќе речеме за оној што дава пари, а зема стока, што ги претвора парите во стока? Да земеме еден прост пример. Некој бостанџија продава на пазар лубеници. Тој ги продава, ги претвора во пари, значи, ги ВПАРИЧУВА. А оној што дава пари, а зема лубеници?! Тој, своите пари ги дава, ги трампи, ги претвора во лубеница. Според логиката на нашиот “јазичар”, оној што дал пари, а зел лубеница значи парите ги ВЛУБЕНИЧИЛ.

Глупостите немаат крај. Затоа оваа глупост ја нарековме ГЛУПОСТ НА ГЛУПОСТИТЕ. А весниците печатат сé и сешто, на малите екрани исто така слушаме сé и сешто. Само платете им пари и тие ќе емитуваат сé и ќе отпечатат исто така. Се разбира, ќе си ја ВПАРИЧАТ својата работа.

Поведувањето по туѓото, бегање од своето, стана карактеристика. Тешки грешки правиме. Тешки, што кантар не може да ги измери. Ама името не си го даваме. А идентитетот? Па, па, па никако! Таму никој не смее да чепне. Ние сме си Македонци! Горди!

Во моментов во Прилеп се гради голема катна гаража или како што пишува на самото градилиште – ДЕЛОВЕН КОМПЛЕКС “ЦИТЅ ЦЕНТЕР”. СИТИ е англиски збор, значи град. Но, замислете колку просто би звучело да се напише на македонски, да се рече ГРАДСКИ ЦЕНТАР. А вака, ЦИТЅ, е тоа е нешто сосема друго. Па и во Скопје има нешто слично. Зар ние да останеме поназад?!

Секој ден слушаме дека се донесле нови закони, нови правила. За таква и таква грешка казната ќе изнесувала толку и толку. Новинар извести дека за некој прекршок ќе се плаќало или КАЗНА или ГЛОБА. Тој мисли дека има разлика меѓу КАЗНА и ГЛОБА.

Само за најважното, за најсуптилното, за грешките во јазикот, не се плаќа (според новинарот) ни КАЗНА, ни ГЛОБА.

Кај одиме? Кај тргнавме, еј, Македонци?! Ќе се ВМАКЕДОНЧИМЕ ли некогаш, како што би рекол нашиот експерт?!

Благоја Ивчески

Loading