70 години од борбата кај манастирот Св. Никола – Прилепец
На 19 декември од крвавата 1942 година ќе се одбележат 70 години од борбата кај манастирот Св. Никола – Прилепец, кога загинале девет борци на партизанското движење.
Кризни биле за партизанското движење последните месеци од 1942 година. Загинале, биле уапсени или интернирани многу борци со непријателските акции од широки размери. Во овој период, животот го загубиле и Народните херои, Мите Богоевски, Стив Наумов, Благоја Страчковски.
Во прилепско бил разбиен одредот ,,Димитар Влахов” во борбата на планината Мукос, на 14 септември, каде меѓу другите загинува и Народниот херој, Борка Велески – Левата. Претстоел Дабнички масакр од 19 септември со ликвидација на повеќе дабничани и прилепчани. Бил убиен и Народниот херој, Рампо Левката. Окупаторите масовно апселе и подложувале на тортури. Затоа се реорганизирале одредите и применувале нова стратегија.
Во Габровската шума, на Бабуна, велешко, на 21 септември, окрупнет со 4 чети бил формиран велешко – прилепскиот одред ,,Димитар Влахов” со околу 70 борци за дејствување меѓу Велес и Скопје. На 7 ноември, во месноста Црвени Стени, прилепско била формирана првата чета на одредот ,,Ѓорче Петров” со присуство на Страшо Пинџур, Киро Крстески – Платник и Благоја Талески – Иван. Втора чета требало да биде од битолскиот одред ,,Јане Сандански” која се формирала на 8 септември кај селото Лавци, битолско. Водењето на одредот било доверено на Киро Крстески – Платник, кој ги довел партизаните до чебренскиот манастир, да се сретне со одредот ,,Ѓорче Петров”. Јадрото на третата чета на одредот ,,Ѓорче Петров” требало да биде составена од борци од Тиквешијата. Трите чети го оформиле одредот ,,Ѓорче Петров” за мариовскиот крај.
На 17 декември решено било одредот ,,Ѓорче Петров” да тргне за Мариово. На пат се задржале во манастирот Прилепец да земат храна и да одржат митинг во селото.
На 19 декември, игуменот на манастирот со изговор дека треба да оди во селото поради верски обред на покојник заминал за Прилеп и ја известил полицијата за партизаните. Многубројните бугарски сили го опколиле манастирот, а поради густата магла не биле забележани од стражата. Во обидот да се пробијат партизаните на исток, се водела борба во која загинале Борка Спасески – Влачарот, командир на првата чета на одредот ,,Ѓорче Петров”, Стеван Базерко – Лански, Стеван Димески – Ништакот, Димче Мирчески – Бањарот, Гога Јанкулоски – Бедо, Трајче Најдоски – Соколе, Бошко Јосифоски – Корчагин и Методија Бошкоски – Ѓурчин (Менда).
Киро Нацев – Фетак бил фатен од Бугарите, тешко ранет. По неколкудневно измачување, без да извлечат информации ѕверски бил убиен во касарните.
Успеале да се спасат Пецо Пепељугоски – Црвениот, Петко Велкоски, кој и предходно се спасил во познатиот Дабнички масакр и Благоја Бошкоски – Дабиќ, кој предходно ја преживеал борбата на Мукос.
Со оваа и со други акции и мерки од страна на окупаторските сили како апсење, судење, интернирање, стрелање и слични методи на заплашувања е нанесен сериозен удар на партизанското движење во Македонија во 1942 година.
Во овој период се уапсени и стрелани Ристе Ристески – Ричко и Драган Димески. Набрзо, потоа, во Велес биле уапсени и трагично го завршуваат својот живот Народните херои Мирче Ацев и Страшо Пинџур, а покасно и Народниот херој Раде Јовчески – Корчагин. Овој период животот го завршуваат и првоборците Трајко Бошкоски – Тарцан и Мице Козар – Јандре.
Спомен – обележјето кај Прилепец е нем сведок. Делото на скулпторот Бранко Николоски е композиција од 9 мермерни фигури кои ги претставуваат 9-те загинати партизани.
Рубин Белчески – историчар