Новогодишниот амбиент во креација на локалната самоуправа веќе е поставен и на булеварот “Гоце Делчев”. Локалните власти ја дизајнираа старата чаршија во новогодишно руво кое ќе влијае на расположението за пречекот на Новата година.
– Направивме и поставивме порти, бастунчиња, мранѕулци и, се разбира неодминливиот симбол, новогодишната елка со светлечки црева и штедливи светилки. Да бидеме рационални и домаќински во трошоците, искористивме голем дел од материјалот што го чувавме од претходните години. Градот веќе е подготвен за новогодишната фешта – вели Дејан Стојчески од локалната самоуправа.
Градоначалникот Марјан Ристески смета дека годинава најмалку се вложувало во украсувањето, во споредба со другите градови.
– Новогодишниот амбиент нема да биде посиромашен и како иконографија, и како новогодишна програма. На преодот меѓу старата и Новата година, новогодишната температура ќе ја крева популарната поп група Суперхикс. За повозрасните, староградски песни ќе пеат Белинда и Елена Петреска. Поклопувањето на стрелките на часовникот на полноќ ќе се одбележи со огномет – вели Ристески.
Во денскиот дел на програмата на плоштадот на 31 декември, покрај Дедо Мраз со децата од фестивалот Сребрен Ѕвон, ќе има и пригодна куса претстава. Магнет за тинејџертите ќе е групата на Давид Нешкоски “Трио”, потоа “ДНК” и “Д Хаундс”.