ВЕЛОСИПЕДИСТ СО ТАКСИ ВО ПЕНЗИЈА

Миле Петрески, за многумина познат како Левачиќ. Тој е основач на градскиот велосипедизам. Во пензионерски години во Дизелдорф, Германија, откако го остави воланот и таксистскиот занает, го враќа филмот на првите велоспипеди на Старо корзо, додека ова превозно средство без мотор било за курназење пред девојки и за замена на магарињата за носење тутун. Познат е по учеството и во други спортови.

Сестра му Ташка Иваноска се сеќава дека пред куќата се збирале сите велосипедисти, а Миле бил многу смирен и тивок, со душа во постојан немир и потрага по нешто ново и авангардно. 

Со страста за велосипедот со неколку ентузијасти го оформиле велосипедскиот клуб Илинден во 1961 година. Учествувал на сите трки. Станал првак на Македонија. Бил и спортист на годината. Возел и на југословенскиот пандан на “тур д Франс”, трката по јадранската магистрала, со учество на личности од јавниот живот и естрадата, како актерката Милена Дравиќ.

Од мерак кон велосипедот отворил и работилницата “Левачиќ” во чаршијата.

Возењето такси низ улиците на германските градови не му ја одзела пасијата за велосипедите. И таму не го оставал својот миленик на две тркала. Често вртел на педалите по авениите.

Бил мецена со десетици подарени професионални велосипеди на нашите таленти. Мерак му е и скијањето, ама има фобија од авиони.        

Loading