Од турско, кога Прилеп бил мала касаба, е останато пазарни денови да се среда и сабота. Традицијата се негува и денес. Меѓутоа, времето кога купеното зајре се носело дома во зумбули на раце е минато. Да си олесни, секој сега оди на пазар со автомобил. Коли “чичка”, а паркинг местата со плаќање се малку во вакви денови. Секој се снаоѓа како знае и умее. Некои ги узурпираат паркинзите на зградите во центарот. Го попречуваат патот кон гаражите, на кои за џабе со креда е напишано “НЕ ПАРКИРАЈ ГАРАЖА”. Возилото – “Пајак” е многу габаритно да влезе во тесните тунели и да го ослободи просторот, па жителите на зградите остануваат забарикадирани и без можност да паркираат на нивното место. Покрај тоа, кошаркарската табла, поставена зад зградите, останува без кошаркари, оти ќе треба да скокаат бетер од Мајкл Џордан да постигнат погодок меѓу автомобилите.
Така на сликата имаме три начичкани објекти – гаража за која нема пристап, возило што блокира влез и столб со кошаркарски обрач, кој не може да се користи. Три во едно, ама не за благо кафе, туку за горки маки.