Се крена соларната електроцентрала кај Лагово
На четири хектари веќе се поставени стотици колектори за струја
При крај е градбата на соларната централа кај селото Лагово. Стотици панели ќе произведуваат струја, која ќе биде продавана на Електрани на Македонија, а низ електричните инсталации на Мепсо и ЕВН ќе стаса струја за осветлување, за придвижување на машини, па и за греење по домовите и фабриките. Стратегијата за користење на таканаречената зелена енергија или незагадувачка од обновливи извори во прилепско ја стави во функција фирмата Труст на скопјанецот со прилепско потекло Рубинчо Зарески.
Зенит дознава дека станува збор за инсталирање на централа со моќ од околу илјада киловатчаса или годишна продукција од стотина илјади мегаватчаса струја. Инвестицијата, според нашите извори е околу еден милион евра за панелите поставени на околу четири хектари, и придружната техника и инсталации за претворање на светлината и зрачењето на сонцето во струја. Таа ќе биде првата македонска соларна централа, за која пред две-три години даде виза и градскиот совет.
Не е случајно избрана локацијата. Повеќегодишните мерења на зрачењето на сонцето покажуваат дека околината располага со околу 300 сончеви денови во годината. Токму поради тоа, а и поради леснодостапните документи е избрана локацијата.
Прилепските стопанственици ја поздравуваат градбата на соларната централа. Таа е мотив за поголемо системско залагање за менување на законската регулатива во насока на поттикнување на потенцијалните инвеститори во градбата на ваквите фабрики за струја. И не само во градбата, туку кај компаниите, кои сега произведуваат соларни колектори. Трите фирми за соларни колектори, исклучиво за претворање на сончевата енергија во топла вода во Прилеп, со државни олеснувања можат лесно да се адаптираат технички и за производство на соларни панели за струја, таканаречени фотоволтаици.
Затоа стопанствениците инсситираат државата да го стави Прилеп во приоритетните проекти за развој на оваа гранка преку стимулација на претприемачите на производство на опрема за обновлива енергија. Добредојдени би биле стимулациите на производителите на колектори со поволни кредити за прилагодување на технолошките капацитети за производство на колектори за струја и сонцето да се стави во бизнис цели. Но, тоа не е доволно. Нужна е друга, директна поддршка, ако постои стремеж за индиректно градба на електроцентрали.
Фотоволтаиците во светот уште се скапа инвестиција. Побогатите земји постепено вложуваат во усвојување и примена на новите ефикасни научни достигнувања за претворање на сонцето и светлината во струја, за да се редуцира рокот на враќање на инвестицијата, која сега е околу десет години. Со оглед на тенденцијата на пораст на потрошувачката на струја, од една страна, и со растечкиот тренд на зголемувањето на цените на енергенсите, од друга страна, струјата станува атрактивна стока, во чие производство вреди да се вложува, оти има перспектива за создавање профит.
На првата соларна централа треба да í се даде ветер во грбот, како прва ластовичка, и да се поттикнат вложувањата во технологијата на иднината, додека има погодна клима во земјава, со оглед на огромниот природен дар на сонцето.
– Производството на опремата е хит во светот. Ползувањето на сончевата енергија е симболично, а светот постепено ги супституира класичните со обновливи и еколошки чисти енергенси. Државата треба да го даде својот придонес со одредени преференцијални мерки – вели Ристо Најдоски, извршен директор на регионалната стопанска комора.
Според согледувањата на Друштвото за наука и уметност, во градот се поставени околу две илјади колекторски системи за користење на сончевата енергија за топла вода.