До секое домаќинство ќе пристигне општинскиот информатор
Општина Прилеп предничи по асфалтираните улици, изградената водоводна и канализациона мрежа. Градот е чист со голем број парковски површини, а продажбата на државното земјиште за стопански, деловни и станбени објекти го прави атрактивен за домашни и странски вложувања.
Ова е сегмент од бројните реализирани проекти во изминатиот 4 годишен период, кои се поместени во општинскиот информатор. Секое домаќинство ќе може преку фотографии и факти да се увери во сработеното на Локалната самоуправа. Информаторот на 80 страници, е отпечатен во тираж од 20 илјади примероци.
– Во периодот од 2009 до 2012 година, Општина Прилеп во целост исполни голем број ветувања, дадени пред граѓаните. Во образованието реализирани се 155 проекти за 4,6 милиони евра. Асфалтирани се општински улици и патишта во должина од 66,9 км за шест милиони евра и реализација на два проекти од регионални патишта со вкупна должина од 54.5 км. Донесени се 28 детални урбанистички планови и 39 други документи во областа на урбанизмот, отпочната е процедура за повеќе од 70 детални урбанистички планови. Имаше осум објави за продажба на градежно земјиште, реализирани повеќе од 20 проекти во областа на културата. Јавното осветлување е обновено и проширено со 500 илјади евра. ЈКП Комуналец реализира повеќе од 70 проекти за два милиони евра – потсети градоначалникот Марјан Ристески.
Општинскиот информатор во електронска форма ќе биде објавен и на веб страницата на Локалната самоуправа.