СПОЈ НА КОВАНИ ОГРАДИ И ПВЦ ДОГРАМА

Алибра 2007

Алуминиумско браварската работилница “Алибра 2007” на Данчо Рошкоски е надградба на браварскиот занает наследен од татко му Стале. Основно производството на метални огради со различни орнаменти, особено барани последниве години, како ехо на минатото, кое зрачи традиција на екстериерите, е иновирано со проширувањето на продукцијата со алуминиумска и ПВЦ дограма.

– Татко ми беше бравар во чаршијата. Се вртев како дете околу него љубопитно. Но, се сменија времињата и работев во фирмата Резонатор како бравар, потоа во Декомета, оти го познавав донекаде занаетот. Маката и врутокот енергија не ме оставаа мирен. Во потрага по сопствен извор за живот, се вратив на занаетот од татко ми со регистрирање на фирма во 2007 година. Впрочем, бев квалификуван во индустриското, а и железото ми беше мерак – кажува младиот занаетчија, кој ангажирал уште еден работник во фирмата Алибра 2007.

Не му бил лесен патот во сопствениот бизнис, иако алатот и машините од татко му, му биле на дофат. Со новите трендови во сите домени, на оградите од ковано железо и сета браварија, развил модерно производство на врати и прозорци од алуминиум и ПВЦ.

– Ми лежи металот и тргнав со чеканот, па купив машини за алуминиум и ПВЦ. Не е тешко да се влезе во техниката на продукцијата, оти ПВЦ е материјал, не така далечен, во споредба со обработката на металот. Постепено освојував сé повеќе муштерии и во двата домена, меѓусебно поврзани. Добро оди бизнисот со ковани, алуминиумски огради, алуминиумски дограми и ПВЦ дограми овие 5-6 години. Кованите огради се бараат во градов и пошироко, оти не изумираат и траат вечно. И модерни големи објекти се дизајнираат со огради од ковано железо. Металните прачки во различни димензии порано се сучеа, а сега имам машина. Железото се витка во секакви форми, од цветови и шари, до сложени креации, по желба на муштериите. Мое дело се оградите во целото маало во населбата над Болница – кажува 31 годишниот сопственик.

Тој признава дека железото е понапорно во споредба со пластиката и алуминиумот. Но, не се жали, иако ангажманот е бавен, рачен, со повеќе марифети.

Како и да е, има иднина бизнисот. Напредува со снаоѓање во силната конкуренција во двата домена. Едновремено се претставува во вистинската светлина кај сé повеќе муштерии, пред сé, со квалитет и пристојни цени. Останува во дејноста што умее вешто да ја работи, со планови за осовременување на работилницата со нови попродуктивни  машини, покрај постојните. Размислува за модернизација и кај опремата за обработка на железо и кај ПВЦ.      

Loading