“СОКОЛОВО ОКО” ОД ГИМНАЗИЈАТА

Гимназијата “Мирче Ацев” често е на таблата за пофалба. Овојпат за освоеното прво место во стрелаштво на државното првенство во Охрид. Главна на стрелиштето била Ангела Стојаноска. Од 20 пукања со воздушна пушка, таа погодила 12 центри и заслужено го добила златниот медал. Конкуренција í биле околу 30 стрелци.

Тренинзите во СК “Херој Прилеп” се исплатиле. Вежбањето со специјален џакет, пантолони и обувки двапати неделно придонело да добие спортска стипендија. На Стојаноска ова í е уште едно признание за домашната витрина и за гимназискиот простор за трофеи. Таа неколкупати е државен првак и многукратен шампион.

Ангела вели дека потребен е душевен мир, тренинг и талент за успешен стрелец. Додека нишани го запира здивот, го одмерува мигот кога целото тело е во рамнотежа, па пука. Внимава на здравата храна, оти и таа е клучна за успех.

Друштво во Охрид í правела соученичката Јулијана Димитриоска која го освоила петтото место.

Loading