Александар Тодороски, млад уметник
Александар Тодороски е млад, талентиран уметник, за кого допрва ќе се чуе во фелата, бидејќи, како одминува времето, така ја надоградува уметничката дарба. Јавноста не го знае, но му лежат цртежите – портрети на истакнати светски личности.
Што значи да се биде уметник?
Нема одговор во реченици на ова прашање… Секој уметник е свет во свет. Свет поинаков од овој “убав свет”. Уметникот е актер во филм кој пушта солзи. Мислам дека уметникот е казна. Казна на која очите на гледачот уживаат. Уметникот не е човек што страда, уметникот е човек што создава додека страда. Човек што доаѓа, а не заминува. Човекот го гледа дрвото, а уметникот ја гледа душата на дрвото. Патем, сликата е приказна, а не бои.
Што ве привлекува кон цртањето? Дали влијаеше тоа што и татко ви е уметник?
Да се живее 24 години со уметник, значи да се учи 24 години за уметноста. Толку години се разбудувам и легнувам со мирисот на нова слика. Опиен и присвоен од тој парфем посакав да влезам во тој свет. Да, татко ми, ми подаде рака да влезам во тој свет. Додека децата играа со играчки, играв со неговите четки и бои. Растев читајќи разни книги за уметноста. Читав и гледав дела на многу уметници. Сето тоа ме привлече .
Препознатлив сте по портретите на познати личности? Кој беше поривот да го земете моливот в рака?
Првин почнав да сликам икони и се посветив на нив. Потоа “открив” други техники. Отсекогаш ме инспирираа луѓето, а и портретите ми го привлекуваа вниманието. Поривот да го земам моливот в рака и да ги овековечам личностите беше големината на нивните дела. Тие ликови покажуваат што може да биде еден човек.
Кои ликови ставивте на хартија и кој е најтежок за цртање?
Мајка Тереза, Гете, Тагоре, Коелјо, Салвадор Дали, Пабло Пикасо, Ајнштајн, Аткинсон, Ганди, кралицата Елизабета, Стив Џобс, Виктор Иго и др. Веќе 5 месеци ги изработувам овие портрети. Секој лик има тежина и бара посебно внимание.
Дел од портретите ќе се изложат?
Сакам првата самостојна изложба да биде дома, пред нашата публика. Се надевам на “излез од анонимноста” на почетокот на наредната година. Потоа портретите ќе ги доближам и смешам повеќе до народот, но нема да зборувам сега за тоа. Сакам портретите да живеат во секојдневието на народот.
Кои уметници беа твоја водилка?
Немам идоли. Не сакам да одам по изоден пат. Да, има уметници кои ме инспирираат и влијаат со делата, покажувајќи ми ја тежината, посебноста и убавината на уметноста.
Што ти е мерак најмногу за цртање?
Сакав да создавам во повеќе техники, да понудам повеќе, но сето тоа ме раситнуваше на повеќе дела и создаваше разни слики за мене. Човек како созрева така се определува и се себеоткрива. Така, тргнав со иконите и продолжив со портретите.
Која е твојата цел во животот?
Доколку некогаш ја остварам целта, која сакам да ја допрам, би ве побарал и би раскажувал за тоа. Премногу е рано да зборувам за крајот. Долг е.