Комплетна куќа во населбата Градина може да се изгради за двојно помалку пари во споредба со друг дел од градот
Се бараат инвеститори и за колективни згради кај касарните
Не само младите брачни двојки, туку и сите оние кои досега не стекнале сопствен дом, со можноста која ја нуди локалната самоуправа, за само 350 евра по метар квадратен може да дојдат до покрив над главата да изградат куќа со површина од стотина метри квадратни. “Слаткиот сон” за свој дом, прилепчани може да го остварат доколку се решат да купат една од парцелите кои моментно се продаваат во таканаречената нова населба “Градина”, а која треба да никне на просторот од поранешните “Оранжерии”. Во новата населба, едно просечно прилепско семејство треба да инвестира помалку од 35 илјади евра за да го реши станбеното прашање со градење на куќа од 100 м2 со просечен градежен материјал. На заинтересираните за обезбедување покрив над главата им се 14 парцели кои Општината ги продава. Во калкулацијата, спаѓаат давачките за купување на градежната парцела, плаќањето на комуналиите за градежната парцела од околу 300 м2 и комплетната изведба на објектот со просечни материјали до “клуч на рака”. Сопствениците, освен приземје, ќе може доколку сакаат да кренат два ката плус поткровје. Како што дознава “Зенит”, најверојатно, ќе се плаќаат по 30 евра за метар квадратен комуналии за целата градежната парцела или за парцела од 300 м2, комуналиите ќе чинат 9 илјади евра, без разлика на станбената површина и катноста.
Градежното неизградено земјиште за индивидуални куќи се продава по електронски пат. Пријавувањето е до 14 декември, а аукцијата е на 18 декември.
Парцелите се со просечна големина од 300 метри квадратни и на сите парцели е предвидена градба на куќи со просечна површина од 120 м2 со приземје, со можност за подигање на два ката и поткровје. При изградбата, треба да се задоволат критериумите за енергетска ефикасност. Фасадата да биде термоизолациона, со ПВЦ дограма и користење на сончевата енергија за загревање на водата во домаќинството.
Мераклиите за живот во колективни, односно во повеќекатници, шанса имаат во зградите, кои ќе се градат во непосредна близина на Касарната. Покрај веќе продадените две парцели за колективни станбени објекти, ќе никнат уште две висококатници. Парцелите за изградба на колективните станбени згради се со просечна површина од 2 000 м2, со просечна површина на зградите од илјада метри квадратни со приземје плус 12 односно 13 ката. Ова ќе биде идеална шанса за над 400 војници, кои се вратија во касарната, доколку сакаат и станбено да се обезбедат. Меѓу зградите планирана е парцела за спортско рекреативни терени со зелени површини.
А се продава и последната парцела од индустриската зона Прилеп 1 со површина од 3374 м2, од која за градба на фабрика од лесна и незагадувачка индустрија наменети се 1 240 м2. По продажбата, веднаш по Нова година, ќе биде објавен тендер за изведба на комплетната инфраструктура – водоводна, канализациската и електрична мрежа, а за чија изградба планирана е поголема сума средства од општинскиот буџет. Се подготвуваат за продажба 20 плацеви во индустриската зона “Прилеп 2” за помали фабрики и погони близу Сточниот пазар. Се предвидуваат од 800 – 1 000 вработувања во капацитетите за услужни дејности, сервисите, работилниците итн.