ПОДВИЖНАТА СЕМКАРНИЦА НЕ СЕ ПРЕДАВА

Садро Сејфулоски –  последниот продавач на “занимација”

Златен беше занаетот, ама времињата се скудни, а и конкуренцијата од фирмите е голема

Ниту изгор сонце, ни ветер, ни дожд и студ не го спечуваат Садро Сејфулоски да ја извади количката полна со семки, киткиритки, сончоглед и други грицки да ги радува учениците денски кај ОУ “Рампо Левката” и ОУ “Блаже Конески”, а сите останати навечер пред реклами. Сите го знаат како Садре семкарот кој ја тера 61-та година од животот. Тој е единствениот семкар во градот со корен и традиција. Го негува и одржува занаетот од своите предци. Вади некој денар, да не биде товар на државата. Но, главно ги потсетува постарите граѓани на носталгичните времиња на корзото, првите љубови, фрлањето семки или сончоглед во прамените на косите на симпатијата, на преполниот стадион или масовната посетеност на ракометните мечеви зад старата библиотека или одбојкарските и кошаркарските дуели на градските спортски клубови во Соколаната. 

Наутро, со душа го чекаат малите основци да грицнат нешто соленко, а попладне со верната количка – штанд менува локација.

Наследен занает

Семкарскиот занает, Садро го научил и наследил од татко му Асан, кој добил дозвола од социјалистичките власти уште во далечната 1948-ма да пече и продава семки од тиква, киткиритки и леблебии или како што велеа тогаш “занимација” при следење на фудбалски натпревари на стадиони или во кино сали. “Материјалот”, семките, ги купувал од селаните на пазар. Сончогледот не бил во палетата на понудата, оти не бил во “мода”.

Младиот Садро кинисал по стапките на татка си по крајот на основното училиште “Добре Јованоски”. И пред тоа помагал со носење на корпите со семки првин поблиску до Соколаната, па в театар…

– Без семки не го бидува нуту фудбалот, ниту ракометот. Останав единствен кој успева да го задржи вниманието кај помладите. А имаше конкуренција меѓу шест семкари. Сите изумреа, а никој не ги наследи. Последниот “мохиканец” сум, кој со количката секое утро излегува од дома во потрага по муштерии. Успевам со муабет и со добра мисла да се наметнам, а и со квалитетот на понудената стока. Аманет од татко ми ми е да сум со сите арен, да сум ведар, насмеан, расположен, весел и оптимист, да не сум поган и лош, кога некое дете ќе брцне со раката и ќе земе неколку зрна сончоглед, без да праша. Така кај сите се остава  впечаток на добрина. Тоа ми е навика и табиет. Таква ми е крвта. Можеби и затоа сум омилен, иако се сменија неколку генерации. Дури некои постари им купуваат семки и сончоглед сега на внучињата и правнучињата. Не го напуштам заветот од татко ми, кој продаваше до 88 години, затоа што тоа е и порака на животот, а не само на бизнисот – кажува Садро, кој, како што некои го помнат, го викаа булеварскиот семкар.

Кога завршил основно, ни на крај на памет не му било за средно училиште, покрај, како што вели, “златниот занает”, разработен од татко му.

– Се сменија времињата. Порано излегуваше добра пара. Сега народот е скуден. А и фирмите ми се ривали. Во секоја самопослуга се продаваат семки и сончоглед. Одвај вадам за покривање на трошоците – вели Сејфулоски.

Имале и трафика кај ОУ “Климент Охридски”. Ама ставиле клуч со смртта на татко му.

– Отворив трафика кај “Комерцијална банка”, ама ја затворив во 1996-та. Продавав леблебии, киткиритки, сончоглед, семки…, сé што се бараше. Ама не се откажувам од семкарницата на тркала. Останала “заразата”, да се излезе со количката, да не се денгуби, туку да се фати некоја пара, ако може – кажува Сејфулоски, кој е единствен со овој занает со градска тапија, издадена во 88-ма година.

Цел живот на нога

Низ семкарскиот полвековен стаж претерал над педесет генерации ученици и илјадници муштерии. Вкусот на првите семки и сончоглед од кај Садро ги почувствувале сегашниот градски татко Марјан Ристески, пратеникот Стевананџија, директорот на Заводот за здравствена заштита Гоце Ингилизов…

– Се сеќавам дека сегашниот градоначалник како мал најмногу беше мераклија за семки од тиква. И сега понекогаш купува – му текнува на Сејфулоски, додека потскокнува со нозете на ноемврискиот студ.

Нема работно време, ама вели дека најмногу промет има од три попладне до кај 11 навечер, кога се стационира пред реклами со количката специјално направена во 72-ра година, која уште го крепи слатко – солениот товар без мака или потреба за поправка, и ги нуди производите на мераклиите за семки. Порано правел и слатки топчиња од пуканки, ама не се продавале многу.

– Во зависност од периодот, продавам тоа што се бара. Пред нова година популарни се лижавчињата и балоните, покрај разно – разните семки. Единствено зиме не излегувам, а другото време сум постојано на нога, на услуга на муштериите – вели Садро. 

Нему чаршијата му е во душата. Без неа не може да живее. Таа му била и средно и факултет. Најубавите години ги поминал таму.

На Сејфулоски му недостигаат уште две години до пензија. Сака да ги истера годините и  раат да ужива дома. Ама тешко дека ќе е така, оти семкарскиот ген е нескротлив, не знае да мирува без семки. Ќе вика по улиците за топлите семки дури го држат нозете. Мислите му одат на кај Сефо “Селекторот”, легенда во семкарскиот занает и негов идол, кој еве го заменува Садре. Ама кој ќе го замени него?

Loading