ПО МЕРКА НА ГРАЃАНИТЕ

Александар Јованоски – Форуми во заедницата

Што е тоа форум во заедницата? 

Форумот претставува граѓанска платформа за развој, со која граѓаните си го подобруваат животот, преку сопствени идеи и учество во процесите на одлучувањето на локално ниво. Тие се можност, општинската администрација да развие партиципативно и одговорно локално владеење, на кое ќе му се верува. Главната цел е поддршка на партиципативниот развој на заедницата на локално ниво. Форумот на заедници се спроведува вторпат, бидејќи градот беше еден од трите општини, кои во пилот фазата во 2006 година, успешно реализира проектен форум, на кој, граѓаните одлучија да се поддржат проектите за уредување на Могилата и мултимедијалното плато Варош. Со вториот форум, граѓаните, заедно со општинската администрација, имаат можност да учествуваат во креирање на буџетот на општината за 2013 година, согласно своите потреби. Тоа е потврда на потребата од заедничко одлучување на ЛС и граѓаните за подобрување на квалитетот на живот во заедницата директно и за јакнење на партиципативната демократија, од една страна. Од друга страна, се подобрува отвореноста и транспарентноста на ЛС. Форумот во заедниците се имплементира со поддршка на Швајцарската фондација за развој и соработка во Македонија и со поддршка на Локалната самоуправа, а го спроведува организацијата ЦИРА.

Што се разговара на форумските сесии?

На петте форумски сесии кои се имплементираа во периодот септември-декември, се оствари одлична соработка меѓу општинската администрација и граѓаните. Се дискутираше за проблемите, потребите на граѓаните и заеднички се идентификуваа можните решенија. Учесниците разговараа за буџетот на општината за 2013 година, дадоа препораки како дополнително да се остваруваат приходи и како да се насочат расходите, согласно развојните и капиталните програми на општината. На крајот граѓаните, заедно, одлучија да се поддржи финансиски имплементацијата на проектот, предвиден во буџетот за 2013 година, а изгласан од учесниците на форумските сесии.

Какво е учеството на Швајцарската агенција? 

Швајцарската агенција за развој и Локалната самоуправа креираа фонд од 4,8 милиони денари, во кој двете страни учествуваат со по 2,4 милиони денари. Предвидените средства ќе се искористат за финансирање на проект кој граѓаните ќе го одберат како најприоритетен. Препораките произлезени од форумот, а нудат реални и соодветни решенија во одредени области, ќе бидат евидентирани од ЛС, со што останува можноста за имплементација кога за тоа ќе се создадат можности.

Кои се приоритетите на граѓаните?

Учесниците дискутираа како најефикасно да се решаваат локалните потреби и проблеми. Посебно од областите на образованието, социјалната заштита, комуналната инфраструктура, локалниот економски развој, културата, јавната чистота, спортот. Предлозите и препораките заеднички се разгледуваа и се дискутираа од учесниците и од претставниците на општинската администрација. Со тоа целосно се постигна ефектот на заедничко и споделено одлучување и се промовираше граѓанското учество во една од неговите вистински форми. 

Што понатаму?

Локалните власти ја препознаваат и нагласуваат важноста од консултациите со граѓаните. Паралелно, се засилува партнерскиот однос во решавањето на локалните приоритети и јакнењето на партиципативната демократија на локално ниво. Задоволство е што граѓаните ја препознаваат платформата како алатка за учество во процесите на донесување одлуки и ја користат можноста за активно вклучување во решавањето на проблемите  и потребите, рамо до рамо со локалните институции. ЛС продолжува посветено да ги гради партнерските односи со граѓаните. Идејата е, во иднина да продолжи практикувањето на овој приод, со што во голема мера ќе се придонесе во донесувањето на квалитетни решенија за заедницата по мерка на граѓаните. 

Loading