НОВО РУВО ЗА ХРАМОТ СВЕТО БЛАГОВЕШТЕНИЕ

Нов внатрешен лик доби најстарата прилепска црква Свето Благовештение. По седум месеци, реконструирани се таваните, ѕидовите и галеријата. Во обновата се вложени околу 160 илјади евра. Останува да се промени подот и да се реновира фасадата.

Владиката Петар, на големиот празник Пречиста, изврши преосветување на споменикот на културата, заштитен со закон.  

Локалните власти најавија уредување на дворот и поставување на спомен обележја на владиците од Прилеп, Ангелариј и Методиј.

Црквата била градски духовен центар. Ја граделе прочуените мајстори Коста Лауцот и Ристо Тасламиче во 1838 година со дарови на граѓаните. Богат е иконостасот, владичкиот стол, иконите и столот на чорбаџијата Аџи Христо Логотет, кој бил главен ктитор.

Граѓаните и стопанствениците веќе три години ја градат новата црква Света Петка во населбата Точила. Летоска беа ставени темели на трите мали црквички, Свети Наум Охридски пред спортската сала Македонија, Свети Пантелејмон во дворот на болницата и Свети Константин и Елена во типската населба.

Loading