НЕОДГОВОРНОСТ, АРОГАНЦИЈА ИЛИ ШОВИНИЗАМ

Овојпат нема да пишуваме за некои конкретни јазични грешки. Ќе се осврнеме на една појава (лоша) која е честа во Македонија. Ако појде некој човек да живее во друга држава каде што се зборува на поинаков јазик, човекот е должен во најбрзо можно време, да го научи јазикот на таа средина. Особено ако е таму вработен и ако има работа со странки. Ваквото правило како да не важи во Македонија. Уште познаваме луѓе кои потекнуваат од (како што го викавме) српскохрватско јазично подрачје, долго време живеат во Македонија а зборуваат српски. Ние пак, со нашата неизмерна инфериорност, и еден човек да има во нашата средина што зборува српски, ќе му зборуваме исто така српски, на неговиот јазик.

Во времето, во Прилеп имаше само две аптеки. Во едната, во поголемата, работеше и еден Грк. Дојден во Прилеп како возрасен човек, а не растен овде. Зборуваше македонски токму како и ние. По ништо не можеше да се препознае дека не е Македонец. По некое време во истата аптека дојде и една фармацевтка од Белград. Сиот работен век го помина тука, а не проговори ниту еден македонски збор. А нејзината работа е специфична, се работи со странки. Сме биле сведок, кога една стара бабичка препрашуваше нешто во врска со употребата на лековите. Слушнавме краток и дрзок одговор: “Рекла сам вам”.

За време на војната во Босна, многу луѓе се разбегаа на разни страни. Во Прилеп дојде едно четиричлено семејство. Сопругот, сопругата и двете деца на шест – седумнаесет години. Семејството веднаш доби стан, а сопружниците вработување. Сопругата влезе на работа во прилепскиот театар. Беше фризерка. Одлична фризерка. Мажот, по потекло прилепчанец, зборуваше македонски, децата исто така, зборуваа одлично македонски. Фризерката, за време на тригодишниот престој во Прилеп дури и не се обиде да проговори македонски. Барем да речеше ДОБАР ДЕН или ДОБРО УТРО.

Ќе набележиме еден случај кој прилега на анегдота и ако, лично кај нас, предизвикува гнев.

Гостувавме со театарот во Кочани. Организаторот решил да не одведе на спиење во излетничкото планинско место Пониква. Многу убаво место, но тогаш уште неизградено. Неколку куќички за одмор и едно одморалиште. Се сместивме во собите од одморалиштето и излеговме. Пет – шест мина влеговме во ресторанот да пиеме кафе. Тука, неколку жени (од вработените) седат на една маса и појадуваат. Ни објаснија дека во ресторанот не се послужува ништо, освен она што е предвидено во пансионските услуги – појадок, ручек и вечера. Инаку, ресторанот не работел со гости. Сепак, една од жените ни вели дека можат да ни сварат кафе, но од нивното, од она што си го носат за себе од дома. Ние со еден колега излеговме, другите останаа да пијат кафе. По некое време се вративме со колегата, а на масата гледаме ракиени чашки и едно пивско шише до половина со ракија. Жените, исто така од некоја своја ракија, ги почестиле нашите луѓе. Дури и од салатата предвидена за ручек, одделиле малку во една чинија. Зелка беше салатата. На нашата фризерка не и била салатата доволно кисела. Им се обраќа на жените, им вели: “ЈЕЛ ИМАТЕ СИРЌЕ”? (сирќе, на српски значи киселина) Знаеме дека гласот Ќ Србите го изговараат позвучно, па се слуша Ч (СИРЧЕ).

Жените, кои привршуваа со појадокот се заштуткаа кутрите како да се виновни за нешто. Си потшепнаа нешто меѓу себе и едната вели: “Ќе видиме, ако има нешто останато”. По некое време, носи жената чинија со исечкано сирење. Тие си помислиле дека фризерката бара сирење. Носи жената и се извинува што немале повеќе, дека го потрошиле сега со појадокот. И пак објаснува, дека тоа е што си го носат од дома, за себе.

Некои од присутните во друштвото почнаа да се смеат. Некои дури погласно. Кутрата женичка се најде во небрано. Усрамена, вцрвенета, не знае во што е работата. Се огласува фризерката: “А колико кошта све ово”? Жената ги собира филџаните од кафето и онака, сосема тивко: “Не, не… ние… ние од дома. Извинете… немаме повеќе, го потрошивме со појадокот”.

Си замина жената со филџаните в раце, и веројано со прашањето каде ли згрешила пред ова “високо” друштво !

Смеата стана погласна, фризерката најгласна. Нас лично не обзеде таговно расположение. Ја сожалувавме кутрата, невина женичка, а гнев не обземаше од арогантниот, препотентниот, па би рекле и шовинистичкиот однос на фризерката.

Три години да бидеш добредојден, три години да го јадеш лебот во една средина, а да не им го сакаш ни ДОБАРДЕНОТ!

Таков омаловажувачки и игнорантски однос можен е само кај нас. Само кај нас,сервилните Македонци.

Благоја Ивчески

Loading