Ракомет: Аплаузи за голманката на Жито Прилеп
Бранеше 49 минути, одбрани 12 удари
Наспроти лошиот резултат и поразот 29-16 од Франција, едно од добрите нешта во составот на Македонија е голманката од Жито Прилеп, Дијана Наумоска. Откако доби шанса од селекторот Гино Стрезовски, во 12 минута ја замени капитенката Тања Андреева од Металург и до крајот беше незаменлива. Наумоска нареди 12 одбрани и седмерец од 34 шута. Светла точка е покрај бекот со шест гола, Јулија Николиќ. Во Ниш навивачите скандираа “Дики мајсторе”, за одбраните на Наумоска. И менаџерите сигурно ја забележаа во нотесите.
Наумоска достојно ги брани боите на државава, го претставува градов. Убаво е кога во сите европски медиуми редовно го пишуваат нејзиниот клуб – Жито Прилеп. Остана во сеќавањето само бекот Билјана Ристеска која учествуваше на Светското 2001 во Италија.
Добра сатисфакција и за нас како медиум и комисијата е што ја избра Дијана Наумоска за најдобар спортист на Прилеп за 2011 година.
Во составот на Македонија е и бекот од Жито Прилеп, Савица Мркиќ.
Другарките тренираат
Клупските другарки Наумоска и Мркиќ од Жито Прилеп заедно тренираат по завршувањето на полусезоната. Ги подобруваат мускулите во фитнес салата и усовршуваат техниката на паркет.
– Ќе одмораме две недели по 25 декември. Дотогаш ќе утврдиме став за задржување првотимки и евентуално доведување засилувања – рече Борче Марковски, тренерот.